Дороти Пачкова – Академски сликар, активен борец за родова еднаквост и права на жените, претседател на здружението “Една може!” Жена – змеј!
ДЕНЕС: Што една жена може..
Дороти ПАЧКОВА: Една жена е апсолутна, оригинална, независна, слободна, само-оправдана, онака како што и секој еден човек е… Од бескрајната едиција “една жена може, жена треба, права жена, вистинска, добра…” јас одбирам да кажам, дека една жена мора да е свесна, дека може да биде онаква каква е најзадоволна со себе.
ДЕНЕС: Кршење на табуа..
Дороти ПАЧКОВА: Крш сме со табуава. Крај како да нема понекогаш и наизглед се фајтаме со ветерници ама ако стратешки пристапуваме, не е залудна борбата. Табу ко табу, тешко се руши, и среќа еве има храбри и мудри глави кои за страв не знаат, нит па осудите ги тангираат и говорат гласно.
Бев дел од една изложба, чинам лани беше, создадов една инсталација која се состоеше од куфер, фотографија која излегува од него со мене и син ми, каде ми го врзува срцето за врат – перформативно ме дави од љубов. Текстот (“Моето револуционерно копиљче ми ја откорна слепоста од љубовта и ми ги разруши сите внатрешни хиерархии. Ме интегрира во себе и ми ја артикулира самоорганизираноста на сировата љубов”, говори дека јас – копиљарката, и тој – копилето од мене, имаме право на љубов, без разлика на нашата семејна конструкција, иако државава наша е слепа за еднородителските семејства, па животот ни е малку повеќе мачен од животот на членките и членовите на другите семејни конструкции, тука сме, постоиме и се љубиме како и другите мајки и деца, пред се преку дела.
ДЕНЕС: Инспирација и борбата од болката и радоста..
Дороти ПАЧКОВА: Негативното искуство на страдалниците предизвикува тензии во општествените односи и ги осветлува противречностите во општество, што може да ги расветли акциите за промени. Откривањето на страдањата и начините на кои се соочуваме со нив, ни овозможува да ги предизвикаме социјалните противречности и да најдеме посоодветни начини на живеење. Оние кои се преобразени од негативните дијалектики, кои се угнетени, полни со болка од неправдите, токму тие сме, точката на надеж и ветување за преобразби кон посолидарен свет. Но и сме лицето на несоврешените општествени уредувања и секако на непокорот пред неправдите. Таговна радост, радосна болка ни е животот.
ДЕНЕС: Целта, напредокот, прифаќањето, следните чекори…
Дороти ПАЧКОВА: Целта на “Една може!” е едноставна: рамноправно општество кон се` што постои. Прифаќањето на целта е компликувано и изискува постојан напор. Прифаќање на одредена ситуација, според мене не значи и статус кво. Прифаќаме дека директно но и суптилно сме субординирани, но благодарение на свесноста околу ова се јакнеме и не и се покоруваме на посочуваната улога.
ДЕНЕС: Времето посветено на оваа борба и времето поминато со детето..
Дороти ПАЧКОВА: Времето поминато во борба, е време минато во живот. Детето во мене сака правда, а и детето од мене сака правда. Син ми Маркијан и сите деца, се оние кои не` потсетуваат дека не треба да се откажеме од борбите за правда. Ние, партизанките на денешницава (LOL), сведочиме дека и нашите деца се неизбежен дел од нашите борби, а и тука се да сведочат дека не се залудни нашите заложби.
ДЕНЕС: Маркијан, неговото детство, потреби..
Дороти ПАЧКОВА: Маркијан е дете како и сите деца. Се радува на животот, игра па сонува, па игра па сонува, учи, се искачува, паѓа и станува и пак игра и ми држи животни лекции.
Кога гледам Маркијан како срчано се бори за остварување на правата кои сега на оваа возраст му се приоритет, кога го гледам како го истражува животот, суптилно а длабоко, кога му ги слушам очите дека му пеат, кога ме гушка како почеток и крај на светот да е во мигот, знам дека сме на нашиот пат.
ДЕНЕС: Уметноста, визуелацијата, животот..
Дороти ПАЧКОВА: Еднаш пишав некаде: “Во мојов ум битки си бијат живите искуствени пракси и теоретизираат на болната ни тема за уметноста денес.
Секојдневно инфилтрирам конструкции на приоритети кои би субординирале со реалноста која ја живееме и во догледно време нема да имам финално решение, знам. Но, исто така знам дека секоја клетка ми вреска “уметноооссттт”!!!
Сакам да ја создавам, да изнаоѓам алтернативи, да ја мерам премерувам понекогаш, да ја возам без пилот друг пат, да ја мислам преобмислувам и често да не сум на чисто, а на пати да знам дека ова е тоа и повеќе ни микрограм не ми треба, па слободна да сум и да надокнадам за сите конфузии и премрежја. Концептуална, современа, модерна, авангардна, класична, практична, ангажирана, експресивна, хиперреалистична, перформативна, различни половини, исти незнанци… извор што потоп прави или капка по капка систем нека е, кампањска, улична, академска, политизирана или гетоизирана… да ја има и да е веродостојна, да деконструира, да отвора нови перспективи и да открива потенцијали, во корелација со срце и ум.”
Животот низ призма на хиперсензитивна уметница е интензивен до неизбежен степен на материјализирање на сето доживеано преку визуелизација.
ДЕНЕС: Степен на солидарност и соочување..
Дороти ПАЧКОВА: Соочувањето со реалноста, но и дарот и клетвата на пречувствителност ме доведе до бескомпромисна солидарност, па солидарноста да нема крај а ние од “Една може!” интерно си повторуваме “абракадабра, абракадабра – го материјализираме она кое го зборуваме. Се солидаризираме за “Една да може!”, се преиспитуваме, осознаваме и растеме секој ден.
ДЕНЕС: Наместо донации, промена на закони за самохрани мајки и парична помош ..
Дороти ПАЧКОВА: Донации за акутните потреби на еднородителските семејства се сосема во ред, но основната улога на “Една може!” е застапување за системски измени во однос на еднородителските семејства. Пустошот што неправдите го прават кон еднородителските семејства е простор кој треба да се пополни со секојдневни практики кои потекнуваат директно од нас и нашите потреби, од граѓанките и граѓаните на еднородителските семејства.
Донациите од целото граѓанство, од бизнис елитите, нека бидат пракса на солидарност, а застапувањето кое ние, како Граѓанско Здружение го правиме нека наиде на позитивен одзив од сите миродавни носители на одлуки.
Вреднување на трудот на самохраните мајки бараме преку социјалното претприемништво “Една прави” каде мајките кои немаат можност да излезат на пазарот на трудот, се остручуваат за произведување на природна козметика за нега и хигиена па ја пласираат и од неа заработуваат за достоинствен живот. “Една прави” е социјално претпријатие на сингл мајки, дете на “Една може!” и наша гордост.
Соња Ајановска Деловска