Лондон: Доживотна затворска казна за убиецот на парламентарката Џо Кокс

Сподели

ЛОНДОН (АА) – Поротата на Централниот кривичен суд во Лондон денес го прогласи Томас Мајр (53) за виновен за убиството на британската парламентарка Џо Кокс (41), кое го изврши во јуни оваа година, пренесува Anadolu Agency (AA).

Поротата размислуваше два часа пред да донесе одлука за прогласување на Мајр за виновен за убиството на Кокс, која се залагаше за останување на Велика Британија во ЕУ.

Кокс беше нападната на 16 јуни, пред состанокот со гласачите, а потоа во болницата им подлегна на повредите нанесени со нож и пиштол. Сведоците за Мајр велат дека во моментот која ја нападнал, тој извикувал „Британија на прво место!“.

Кога на првото рочиште судијата побара тој да се претстави, Мајр рече: „Смрт за предавниците, слобода за Британија“. По таа изјава, наредено е да се направи психијатарски извештај за обвинетиот.

Обвинителите претходно соопштија дека во неговата куќа е пронајдена литература што го пропагира нацизмот и многубројни нацистички сувенири.

Десничарскиот екстремист пред судот се изјасни за невин, но неговите адвокати немаа доволно докази што ја потврдуваат невиноста на обвинетиот.

Пратеничката во британскиот Парламент, Џо Кокс, беше мајка на две деца, и работеше на претседателската кампања на Барак Обама во 2008 година. Таа студиите ги заврши на Кембриџ и работеше како хуманитарка пред да стане претставничка на лабуристите за областите Батли и Спен во 2015 година.

Позната е по својата работа на женските прашања, и соработуваше со неколку хуманитарни организации.