СЗО: 14 милиони луѓе не знаат дека се заразени со ХИВ вирусот

Сподели

hiv

ЖЕНЕВА (АА) – Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека 40 отсто од заразените со ХИВ вирусот, односно 14 милиони луѓе, никогаш не биле подложени на тестирање и дека овие луѓе не знаат дека се инфицирани со овој вирус, јавува Anadolu Agency (AA).

Во пресрет на 1 декември, Денот на борба против СИДА-та, СЗО објави извештај за ширењето на ХИВ вирусот во светот и предупреди на пропустите и доцнењата во дијагнозата и лекувањето на заразените.

„Дури 14 милиони луѓе заразени со ХИВ, односно 40 отсто од вкупниот број заразени, никогаш не се тестирале, ниту пак знаеле дека се заразени“, се вели во соопштението на СЗО.

Во извештајот исто така се наведува дека од вкупно 37 милиони заразени со ХИВ во светот, со терапија се лечат само 18 милиони заразени. По тоа прашање, најлоша е ситуацијата во источниот дел на Европа, во источниот Медитеран и во Западна и Централна Африка.

„Во светот, во 2015 година, поради инфекција со ХИВ и проблеми поврзани со овој вирус, починаа 1,1 милиони луѓе. Минатата година во светот со ХИВ беа заразени два милиони луѓе, а во моментов во светот има заразено вкупно 37 милиони луѓе“, се вели во соопштението.