Запознавање на населението со проблемот со органодарителство и трансплатација на органи и подигање на свеста кај народот за дарување органи беше целта на трибината, која е дел од капмањата „Дарувајте орган – подарете живот“ што се одржа во организација на општинската организација на Црвениот крст – Струга.
Проблемот, според доктор Гоце Попоски, специјалист по трансфузиона медицина од Заводот за нефрологија – Струга, постои и за него многу малку се дискутира.
– Со овие работилници треба да се истакне дека постои проблем и да се надминат сите прадрасуди и бариери што постојат. Секој од нас е потенцијален давател на орган, а во текот на животот може да биде и потенцијален примател. Затоа и треба да се разговара за органодарителството, истакна Попоски.
Доктор Милот Ризвани, општ лекар во Брза помош во Струга смета дека трансплатацијата органи за македонските граѓани е многу скапа и секој не може да си ја дозволи. Посочи дека со влегувањето на Македонија во Европската унија, државата ќе стане членка и на Европска асоцијација на органодарители, со што, според него, можностите за наоѓање кадавер ќе бидат поголеми, а трошоците ќе се сведат на минимум.
– Бидејќи не сме членки на Европската асоцијација и ако се најде трансплант во странство потребни се 50.000 до 100.000 евра. Ако сме членки на Европската асоцијација нема да чини ништо ни процедурата ни органот, а можностите се големи во тек на неколку месеци да се најде орган, истакна Ризвани.