На сцената на Факултетот за драмски уметности денес и утре од 20 часот се изведува премиерата на претставата „System error“. За неа се вели дека е „театарската претстава за системот во државата“, а е направена од заедничкиот труд и визија на професори и студенти.
Според професорската Синоличка Трпкова тешко, скоро невозможно е да се направи претстава за гнилежот кој сега, во овој момент го живееме со „полни гради“.
„ФДУ го прифати токму тој предизвик и ја отвори вратата на ќелијата во која сите ние без исклучок, чмаеме. Невозможно ми беше да се дистанцирам од репликите на актерите, ниту од крикот на студентите – затоа што токму тоа и самата секој ден длабоко го преживувам ‘System error’ е претстава во која професорите и студентитe заедно држат час по актерска игра, филозофија и етика. Премал е нашиот простор за ваква претстава и нула е буџетот, но пораката што ја испраќаат е бесценета!“, напиша Трпкова на Фејсбук.
Инаку, текстот на претставата е на Маја Стевановиќ, режија/продукција на Зоја Бузалковска и дизајн/продукција од Игор Вецовски.
Актери се: Елјеса Касо, Сузана Киранџиска, Александар Степанулески, Кристина Леловац, Матеа Јанковска, Чедомир Митевски, Тамара Ристоска, Din Ibrahim, Никола Наковски, Dritan Nezirov, Зоран Митровиќ, Душица Тренева, Деа Пајазити, Дарко Ристовски, Флакрон Алиу, Христина Цветаноска, Хакан Даци, Стефанија Митовска, Петар Стојанов, Ебру Мусли, Исмет Шабановиќ, Душица Настова, Марјан Наумов, Сара Јусуф, Благој Јовановски и Елдин Широк.
За сценски движења задолжен е Бојан Лазаров, за маркетинг Марина Трајковска, истовремено за реализирање на претставата помогнаа и Никола Василевски, Соња Вецовска, Павле Игновски, Милан Тоциновски, Русе Арсов и Горјан Атанасов.