Премиерот Шинѕо Абе e прв јапонски лидер кој ќе го посети Перл Харбор

Сподели

n-pearl-harbor-a-20141210

Премиерот Шинѕо Абе ќе биде првиот јапонски лидер кој овој месец ќе го посети Перл Харбор, каде ќе им оддаде почит на жртвите од јапонскиот напад врз пристаништето пред 75 години, но нема да се извини за нападот, изјави денеска главниот секретар на јапонската Влада, Јошихида Суга.

– Цел на посетата е оддавање почит на загинатите во војната, а не извинување, рече Суга на брифинг за новинарите во Токио, пренесоа француските медиуми.

Тој додаде дека посетата ќе биде можност на идните генерации да им се покаже решеноста на Јапонија да не се повторат „ужасите и страдањата од војната“, како и можност да се прикаже помирувањето меѓу Јапонија и САД.

Американскиот министер за одбрана, Ештон Картер, кој престојува во Јапонија во рамки на својата турнеја низ Азија, на новинарите им кажа дека сојузништвото меѓу САД и Јапонија „никогаш не било посилно отколку денес“.

Абе во понеделникот најави дека на 26 и 27 декември ќе ги посети Хаваи, каде ќе се сретне со американскиот претседател Барак Обама и како прв јапонски лидер ќе им оддаде почит на жртвите од јапонскиот напад врз Перл Харбор пред 75 години.

– Заедно со Обама ќе го посетам Перл Харбор, рече Абе.

Посетата на Абе следи по првата официјална посета на еден американски претседателот на Хирошима, градот врз кој во 1945 година САД фрлија атомска бомба.

Јапонија ги нападна американските сили во Перл Харбор во декември 1941 година кога загинаа повеќе од 2.400 американски војници и цивили.