DW: Избирачкиот список е затворен- обидите за манипулации сѐ уште не

Сподели

Намерна игра или случајност? Што навистина се крие зад грешките во избирачкиот список. Надлежните смируваат и се правдаат со технички проблеми, упатените предупредуваат дека некој сепак свесно се обидува да манипулира!

Техничкиот проблем, или непотврдениот хакерски упад во системот за евиденција на гласачите за претстојните предвремени парламентарни избори предизвика бурни реакции и отвори еден куп дилеми. Колку е безбеден и дали вистински е прочистен избирачкиот список? Бројните реакции по социјалните мрежи од загрижени граѓани дека ги има, па ги нема, па повторно ги има на онлајн апликацијата за проверка на избирачкиот список ги подгреа сомнежите околу легитимноста на целиот процес. Упатените се загриќени, но и поделени во реакциите, посебно околу можноста за манипулација со избирачкиот список и евентуалниот хаос што би можел да се случи на денот на изборите:

„Сето ова што се случува и да е нормално, кога е во време невреме во кое сме сведоци на сешто отвбора сомнежи. Кога ќе се прашате како е можно тоа да се случи, тогаш сомнежите стануваат поголеми. Можеби не е симптоматично, но и не е нормално. Колку што знам луѓето што работат на овој систем во ДИК се професионалци, но кој и дали може да чепка однадвор не знам и не можам да гарантирам“, реагира Никола Рилковски, поранешен прв човек на Државната изборна комисија.

Тоа што Државната изборна комисија соопшти дека проблемот бил од техничка природа според дел од упатените не е оправдување, посебно во период кога финишира предизборната кампања:

„Не смее ДИК во оваа фаза да има технички проблеми, тие се сега институцијата која гарантира законитост на изборниот процес од почеток до конечно завршување на изборите. Исто така за прв пат тие имаат се` на располагање, па дури и техничка Влада. Да се надеваме дека проблемот е технички и тој ќе се острани но ова е чувствителен период, завршува кампања, и не смее да се создаваат вакви забуни. Како граѓаните да бидат спокојни кога ниту еден член на ДИК, Претседател не излегоа јавно да не убедат дека се е во ред. Напротив, праќаат изјави преку државни службеници, тоа не е дозволиво во оваа фаза“, реагира Александар Новаковски исто така поранешен прв човек на оваа комисија.

Нешто „смрди“

Тој е меѓу оние што јавно апелираше и предупредуваше на внимателност при прочистувањето на избирачкиот список, односно дека начинот на вкрстување на податоците е несоодветен и не треба по секоја цена да се бришат гласачи. Погрешно е вели тој, да се попушта под притисоците на јавноста само со цел да се покаже дека бројот на гласачи е намален и списокот е сега добар:

„Но тоа беше ризик, некои гласачи од неинформираност да не се пријавиле па сега да имаме уште потешка повреда на избирачкото право, со административни мерки да се одземе правото на глас. Јас се надевам дека овие грешки не се многу инаку нема да биде добро. За жал сега не постои можност да се поправи грешката, тоа е готова работа и вистинската состојба ќе ја дознаеме на денот на гласање. Сепак, да бидеме оптимисти но верувајте, многу пати им укажував. Знаете, на избирачките места четирите партии имаат членови во Избирачките одбори па и да имаше вишок запишани ке можеа да се контролираат и спречат некој да гласа за друг, но ако го нема гласачот во список а е државјанин тука нема спас-тоа е сериозна работа“, предупредува Новаковски.

Текстот во целост прочитајте го тука

dw.com