ФРОДЕМ е запрепастен од квази-операцијата на врхушката која деновиве се одвиваше под работен наслов „после нас потоп“. Ваков став може да се има само доколку не се сака сопствената држава, а потоа и партијата односно доколку не се сакааат и почитуваат светите букви ВМРО! Да, тоа е можно само во ситуација кога една криминална врхушка ја киднапирала партијата, односно кога снела „кукавичко јајце“ во неа, се вели во реакцијата од ова здружение.
Во нивното соопштение се вели:
„Деновиве, на површина излегоа повеќе работи. Анализата на фарсата „после нас потоп“ кулминираше со две опасни пораки. Првата порака е дека е дојдено време за „ноќ на ножевите“ насочена кон внатрешните неистомисленици и кон целата опозиција во државата. Втората, насочена кон пријателите од меѓународната заедница со порака да си „заминат“!? Ова е можно само од оние личности кои доживеле церебрален казамат во главите.
Првата порака односно закана во превод значи спремност за брутална пресметка со внатрешните непријатели. Добро е што партиските неистомисленици не одговорија на овој полу-блеф затоа што се свесни дека тоа е безумна јадица за почеток на немири кои исклучиво само режимот ги посакува за да ја спасува „криминалната кожа“. Но, кога се во прашање закани режимот треба да знае дека е долго вмровското паметење…посебно она внатрешното. Другиот крак од оваа закана за немири беше насочена кон СДСМ. И добро е што тие не влегоа во „матната режимска мрежа“!
Втората закана кон странците укажува дека режимот е уплашен, дека посегнува по очајни закани и дека не му е гајле ниту за угледот и опстојувањето на ВМРО, а уште помалку за угледот на Македонија во меѓународниот свет. Некрофилните ислустрирани пораки до амбасадорите на заканите им дадоа посебна морбидност! Сепак, јасно е дека ова морално и човечко урушување, води само кон имплозија на врхушката. Но, јасно е и дека овие блефови кои се граничат со можност од „играчака да се случи плачка“ се далеку од тоа да направат реален братоубиствен конфликт. Далеку сме од тоа и никој не треба да се плаши од тоа. Пред се, оти тоа ќе биде нерамноправна битка, која ќе заврши уште пред да почне. Има многу гнев кај народот кој експресно ке биде насочен кон врхушката на режимот!
ФРОДЕМ се обраќа до членството на ДПМНЕ да не потпаѓа под диктатот и манипулација на врхушката и да бие туѓи битки. Врхушката доживеа пораз. Бараше 63 пратенички места, но едвај доби 50-51 место, со сите јавни закани и прикриени притисоци, неправилности и изборни криминали. Редно е да се понесе одговорност за тоа. Членството не смее да дозволи поради незадоволителниот резултат да се става во заложништво ВМРО, а уште помалку нашата држава Република Македонија. Никој не е венчан за фотељи, никој не е вечен. Вечна е македонската држава, а потоа партијата и партискиот интерес ВМРО брзо да се консолидира и реформира и да учествува во власта.
Партиските органи и тела треба слободно и по сопствена воља да се изјаснат за идното делување на партијата и за нејзината идна улога. Партијата дава бенефити ама мора да побара и одговорност за сите оние кои ги доведоа граѓаните до оваа дереџе Доста беа манипулации, лаги, измами и уцени од страна на неколкумина.Партијата му припаѓа на членството, а не на фамилијата“.