Движењето „За чист воздух“ отвори петиција која е одговор на како што велат, игнорантскиот став на државата кон воздухот што го дишат граѓаните. Според нив, приоритети не треба да бидат политичките кампањи и начинот како да се придобие власт, туку да се обезеди здравјето на граѓаните.
„Секој ден сме сведоци на сѐ поголем број болни деца од респираторни болести. Смртните случаи не се исклучок, за жал. Но, властите како да имаат поголеми приоритети од тоа да им обезбедат здрав живот на своите сограѓани и на нивните деца“, стои во петицијата.
Од здружението велат дека петицијата ја создале како последна шанса за граѓаните и за нивните деца, со цел да ја извојуваат институционалната битка за почист воздух, да има поквалитетен живот и да се намали смртноста од аерозагадувањето.
„Апелираме до Владата, да се откријат деталите за причините за загадувањето, со констатација дека Министерството за животна средина и просторно планирање сеуште нема излезено со веродостојни податоци околу причинителите на аерозагадувањето. Без овие информации ветувањата од страна на властите дека проблемот ќе биде решен најверојатно нема да ја доживеат својата реализација. Ве молиме преземете ги потребните мерки додека не е доцна. Секоја минута е важна!“, се вели во петицијата.
Таа може да се потпише на следниот линк.