Светот во десет точки: 2017 ќе ги поврзe Трамп и стогодишнината од Октомвриската револуција

Сподели

Доналд Трамп

Симболите на епохата кои исчезнаа во 2016, означија крај на едно време, најавувајќи почеток на нова ера. Во најтоплата година откако се мери температурата, од животната сцена заминаа големи политички фигури, како Шимон Перес, Фидел Кастро… Во Турција имаше обид за државен пуч, а терористите ги нападнаа Брисел и Берлин – срцето на преплавената со бегалци Европа. Велика Британија, една од најголемите членки, го напушти заедничкото европско семејство. Првиот голем настан што се очекува во Новата 2017 ќе се случи веќе на 20 јануари, со влегувањето на њујоршкиот тајкун Доналд Трамп во Белата куќа. Што потоа…

Има неколку работи кои можат да ја обележат 2017 и тоа не само политички настани, конфликти и несреќи, туку и сосема обични, мали работи од нашето секојдневие.

Америка се свртува „наопаку“

Доаѓањето на Трамп во Белата куќа ќе биде прославено од половина Америка и светот, додека другата половина го споредува со изборот на претседателот Ворен Хардинг во 1920 година, популистот кој го означи почетокот на „лудите дваесетти“, воведот во крахот на берзата и другите немили настани што следеа подоцна.

Во секој случај, веќе е извесно дека милијардерот има намера да ги „преврти преку глава“ 70 проценти од одлуките донесени од неговиот претходник Барак Обама и тоа како што предвидува поранешниот претседател на претставничкиот дом во американскиот Конгрес, Њут Грингич, „ќе се случи во првите денови на неговото претседателствување“.

На внатрешен план, во САД најпрво се очекуваат промени во системот на здравствената заштита со поништување на т.н. обамакер, како и промени во политиката кон имигрантите. Уште во текот на кампањата, Трамп најави изградба на ѕид кон Мексико и депортирање на нелегалната имиграција.

На глобална сцена, најавениот пресврт на Трамп кон Русија ги вознемири сојузниците на САД во НАТО сојузот што е гарант на американската надворешна политика во изминатите 60 години. Трамп им порача на сојузниците повеќе да издвојуваат за своја одбрана, а во спротивно не треба да очекуваат Америка да ги брани. Од друга страна, официјален Пекинг е загрижен заради ставот на  Трамп за преиспитување на политиката на „една Кина“, но и заради трговската закана. Како заговорник за натамошно вооружување, Трамп се заканува со промени и во ООН.

Чувари на безбедноста

Потребата за зголемување на безбедноста во сите сфери од животот или барем зачувување на постоечкото ниво, ќе го окупира вниманието на човештвото и во 2017. Според извештаите од експертите, главата и имотот ќе ни ги чуваат седум гаџети или технолошки помагала.

Сигурносните камери, дури и најмодерните аларми, полека стануваат дел од минатото. Најнеопходен од сите е таканаречениот тап-лок, што ќе ги штити од кражби не само гаражите, туку и ранците, куферите и торбите. Чини 62 евра, а наликува на обичен катанец, кој наместо со клуч или шифра, се отвора со отпечаток од прстот.

Специјално за велосипеди е конструиран „лок-ит“ што чини 99 евра. Интелигентниот клуч за велосипеди е поврзан со апликација за мобилен телефон што го идентификува сопственикот. Штом ќе се приближи, бравата на велосипедот се отклучува автоматски, а штом ќе се оддалечи – се заклучува. При обид за насилно отклучување на бравата, се активира аларм на мобилниот телефон.

Специјалната камера „амариљо кова“ е наменета за снимање на секое движење во една просторија. По цена од 152 евра, овозможува и надзор на куќните миленичиња, како и комуникација со сопственикот.
Единствената јакна „халам“ нуди ред во хаосот на интернет. Има посебно место за слушалките, мобилниот телефон, полначот, клучевите… Чипот што е вграден под левата рака, праќа СОС сигнал  доколку на сопственикот му е потребна помош – ако биде нападнат или ако му се слоши. И сето тоа по цена од 76 евра. Слично ќе реагира и минијатурниот сензор што се вградува во запалка и испраќа барање за помош, во случај на сообраќајна несреќа.

Сајбер мафија во петта брзина

Опасноста од сајбер криминалот ќе ги притисне компаниите да се посветат многу посериозно во организирањето на одбраната од него. Сајбер-нападите ќе можат да се нарачаат и платат на брзорастечкиот пазар на интернет криминалот. Наместо со поединечни хакери, светот ќе има работа со добро организирана сајбер мафија.

Гвидо Ерој, еден од директорите на „Кореро Нетворк Секјурити“ апелира кон сите конзументи на зголемување на интернет хигиената. „Сајбер-нападите стануваат нешто вообичаено, нешто што се подразбира“, вели тој. Интернет провајдерите имаат клучна улога во навременото пронаоѓање на потенцијалните напаѓачи и само тие можат значително да го намалат обемот на интернет сообраќајот, оценува овој експерт.

Ефикасната стратегија за одбрана од сајбер-напади во 2017 подразбира постојан човечки надзор, тоест непрепуштањето на компаниите во „рацете“ на техниката. Фирмата е добро „наоружена“ против сајбер закани од најновите генерации само доколку е во состојба навремено да ги препознае, дефинира и блокира сите сомнителни случувања на мрежата.

И поединците ќе мораат многу повнимателно да работат со своите компјутери и мобилни телефони. Бидејќи никој нема да биде имун на сајбер криминалот, во 2017 повеќе ќе се занимаваме со инсталирање на различни програми за заштита од несакани упади.

Изразено во парична вредност, „чистењето на дамките“ од само еден сајбер напад за големите компании се движи во просек околу половина милион долари.

Мобилен телефон на свиткување

Според најавите што пристигаат од Јужна Кореја, во 2017 мобилниот телфон ќе може да се свиткува. За волја на вистината, „Самсунг“ уште пред три години ја претстави визијата за телефон што се витка, но сега соопштуваат дека постигнале „значаен напредок“ и во насока на масовно производство. Новиот мобилен од седум инчи би имал OLED екран, што по потреба би можел да се свитка како паричник. Тоа практично значи дека тој би можел да се користи како смарт телефон од пет инчи, но и како таблет од седум инчи.
Познавачите веруваат дека овој телефон ќе биде чекор понапред во еволуцијата на мобилните апарати, како во 2000 година кога се појавија апаратите чувствителни на допир. И тоа во годината кога се прославува десетгодишнината од појавата на оригиналниот „ајфон“, а во ЕУ стапува на сила забраната за наплата на дополнителна тарифа за роаминг.

Гугл на сонце и ветер

Оваа година доминантниот светски пребарувач Гугл во целост преоѓа на обновливи извори на енергија. Тоа практично значи дека целокупниот планетарен бизнис на овој информатички гигант ќе функционира без да троши ни грам од резервите на енергенсите. Со ваква најава, на сајтот на Светскиот економски форум објавено е дека проектот што е започнат во 2012 веќе е при крај и дека Гугл апсолутно се ослободува од енергетската зависност од фосилни горива. Според зборовите на Урс Хулзле, потпретседателот за технолошка инфраструктура на оваа компанија, станува збор за џиновски чекор за човештвото.

Еколозите со огромно одобрување ја прифатија оваа најава и се надеваат дека и другите глобални бизнис гиганти ќе тргнат по истиот пат. Емили Фарнворт, шеф на Климатските иницијативи при Светскиот економски форум, очекува дека најголемите играчи ќе го искористат овој момент и ќе заиграат на картата на обновливи извори.

Гастрономски трендови

Вистинска ренесанса оваа година ќе доживеат сирењата кои ќе се нарачуваат како самостојно јадење, односно како комплетен оброк. Со нив, како прилог ќе се служат специјални лебови по избор на главниот готвач, кој лично ќе им ги нуди на гостите. Оваа комуникација меѓу гостинот и готвачот ќе биде еден од главните трендови во 2017.

Освен тоа, апсолутен хит ќе биде и кафето послужено со слатки грицки како зашеќерени лешници, бадеми, ореви… Рестораните со повеќе ѕвездички ќе нудат барем неколку вегански јадења. Апсолутно задолжително за сите кафеани кои држат до своето реноме, ќе биде негувањето на националната гастрономска карта. Ќе биде забележително и враќањето кон традиционалните јадења и пијалоци. Се разбира, домашната ракија ќе биде задолжителна.

Во 2017 и пивото ќе биде фаворизирано. Тоа ќе добие почесно место и во рестораните со ѕвезди кои досега беа резервирани исклучиво за најпознатите вина.

За разлика од сувите вина, фаворити оваа година ќе станат полуслатките, дури и слатките видови вина, а и шери-виното ќе ја добие својата нова шанса.

„Мун експрес“ ќе лета на Месечината

Точно половина век откако во ОН на сила стапи спогодбата за истражување на вселената, на површината на Месечината во 2017 ќе се спушти и првиот приватен робот. Американската влада му издаде дозвола на првата приватна вселенска компанија „Мун експрес“ да испрати роботско летало на Месечината. Досега комерцијалните компании патуваа само во орбитата на Земјата. Како прва компанија која без државен надзор ќе се упати кон Месечината, „Мун експрес“ ќе добие и 20 милиони помош од Гугл, кој уште пред 10 години се обврза дека ќе ја поддржи првата приватна вселенска мисија.

Од 16 фирми со слични амбиции во САД, „Мун експрес“ единствени добија одобрување за својата мисија. Компанијата е основана на Флорида во 2010 со цел истражување на земјиниот сателит. Досега само три држави успеале да се спуштат на Месечината: САД, поранешниот Советски Сојуз и Кина.

Струја наместо бензин

Денес на патиштата веќе возат автомобили со автопилоти, сончевата енергија се користи за надополнување на батериите на автомобилите, авионот „солар импулс 2“ веќе ја обиколи планетата (40.000 километри), и тоа без капка гориво, само со помош на сончевата енергија.

Што нè чека во оваа област во 2017?

Ќе се зголемува производството на автомобили на електропогон и нивната цена ќе се намалува.
Соларната енергија сè повеќе ќе се користи за полнење на батериите, но и за греење и за осветлување на патиштата. Во сè поголем број земји, во автомобилите ќе се користат автопилоти за превоз на луѓе и стоки. Впрочем и на саемот на камиони и автобуси во Хановер е навестено дека во 2017 ќе излезат првите автобуси и камиони со вградени автопилоти. Моментално единствена пречка за нивната промоција се законските прописи во ЕУ кои и натаму бараат задолжително „присуство на шофер“.

Факт е дека електричните возила стануваат сè поевтини. Цената на најпознатиот електромобил „Тесла“ од над 100.000 евра е намалена на 30.000 евра за најновите модели. „Рено“ најавува уште поевтини автомобили кои ќе можат да се набават и за десеттина илјади евра. Во Европа оваа година ќе бидат инсталирани повеќе од 100.000 полначи за електромобили долж најпознатите сообраќајници.

Роботи како собарки

Оваа година ќе ја обележат и роботите! Не само што сè повеќе семејства ќе ги користат, туку и овие необични помошници буквално ќе ги наполнат хотелите. Ова го најавува Џо Гема, претседателот на Меѓународната федерација за роботика, потсетувајќи дека од 2015 година уделот на роботската работна сила е зголемен за 25 проценти.

Три топ сегменти во оваа смисла ќе бидат медицината, земјоделието и услужните дејности, каде во 2017 се очекува експлозивен растеж. Голем потенцијал ќе се покаже и во приватната сфера, па сè повеќе куќни помошнички ќе бидат „направени од метал“. Прогнозите велат дека до 2019 дури 31 милион роботи ќе помагаат во домаќинствата, а најголем процент на развој се очекува токму во 2017.

Секоја приказна за роботи не може да помине без да се напомене и Јапонија. Во оваа земја, во јули месец е предвидено отворање на фарма на која ќе работаат исклучиво роботи.

Популизмот се шири низ Европа

Бранот на популизмот што почна минатата година, се чини дополнително ќе добива на сила. Во 2017, во Белата куќа, на местото на Обама кој беше наклонет кон единствена ЕУ, доаѓа  Доналд Трамп, кој се смета за ЕУ-скептик. Изборите во земјите кои се стожер на Унијата – Германија и Франција, плус Холандија, Чешка, Унгарија и Словенија, би можеле да доведат до потполно поинаква политичка слика на Стариот континент. Затоа што и во овие земји, десничарските партии кои се борат против естаблишментот, добиваат на своето конто преку популистичките пораки што ги испраќаат.

Населението во Европа што е преплавена по бранот на бегалци, позитивно реагира на пораките на десничарите за забрана за користење на бурките и подигнувањето огради на границите, а на осиромашените граѓани им годат повиците против банкарскиот терор, дури и по цена на рушење на заедничката валута – еврото.

Името на најмоќната жена во Европа и симболот на нејзиното единство, политиката на отворени врати и либералните вредности, Ангела Меркел, четвртпат ќе се најде на изборното ливче на парламентарните избори во Германија во 2017. Но, дури и да победи, нејзиниот триумф лесно може да се претвори во пораз во радикализираното политичко европско опкружување.