Дачиќ ги влошува односите со Скопје, добива пофалби од Грција, пишува „Вечерње новости“

Сподели

Изјавата на шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, дека Србија погрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име, наиде на воодушевување од официјална Атина, пишува денеска српскиот весник „Вечерње новости“.

Весникот наведува дека изјавата на Дачиќ во Грција добила голем публицитет и оценува дека „конечно довела до опуштање на односите со Атина, кои во последната година биле затегнати“.

Грците веќе по дипломатски канали им испратиле порака на српските власти дека најавата на Дачиќ дека Србија во мултилатералните односи со Македонија ќе користи БЈРМ е дочекана со големо одобрување и дека дошла во идеален момент пред посетата на премиерот на Грција, Алексис Ципрас, на Белград, планирана за крајот на јануари, се вели во текстот на „Вечерње новости“.

Српските медиуми и денеска ја анализираат изјавата на Дачиќ за регионот. „Политика“ оценува дека Дачиќ подготвува одбрана пред новиот обид Приштина да влезе во УНЕСКО, додека „Данас“ во текстот под наслов „Шефот на дипломатијата се заканува со празна пушка“, пишува дека изјавата на Дачиќ треба да се согледа и во контекст на претстојните претседателски, а можеби и парламентарни избори.

Медиумите ја пренесуваат и оцената на Александар Попов од Центарот за регионализам дека станува збор за „невообичаена и недипломатска изјава со користење пресилни зборови и закани кои не се остварливи“. Попов, исто така, рече дека се чуди што на оваа реторика сè уште не реагирал премиерот на Србија, Александар Вучиќ, оценувајќи дека со тоа ситуацијата станува „шизофренична“.

meta.mk