Ако се има во предвид времето и околностите на објавата на албанската Платформа, може да се констатира следното: донесена е по инсистирање на лидерот на ДУИ Али Ахмети, по неколкуте средби со албанските опозициски партии и со посредство на Тирана и на Приштина, а во пресрет на преговорите околу составувањето на новата македонска влада.
Таа е последица на лошите изборни резултати на владејачката коалиција, по кои што ДУИ од долгогодишен водечки претставник на македонските Албанци спадна на обичен политички статист, принуден својот натамошен опстој да го бара во здружувањето со албанските опозициски партии, нејзини довчерашни жестоки критичари и противници.
Самата Платформа, скрпена на врат-на нос, содржи повеќе барања што се веќе регулирани со Охридскиот рамковен Договор, а не беа целосно реализирани пред се` поради тендерската спрега со ДПМНЕ (во надлежност на ДУИ беа ресорите за евро-интеграции, за спроведување на рамковната спогодба, за локална самоуправа, за правда), како и некои проблематични услови, со цел да му овозможат на Ахмети пазарџиски лицитирања во претстојните преговори со македонските партии.
Двете партии потписнички на Платформата, БЕСА и Алијансата на Албанците веќе соопштија дека одбиваат владина коалиција со Груевски, додека Ахмети се уште тактизира со својот став, прифаќајќи разговори со него околу составувањето на новата влада. Во моментот останува нејасно каква ќе биде целта тие разговори, кога официјално придружните партнери на Ахмети, јасно ставија на знаење дека се против учество во влада предводена од Груевски и неговите соработници. Дали е во прашање само формална проверка на прифатливоста на Платформата од страна на ДПМНЕ, односно кои услови за неа се крајно проблематични или пак Ахмети на своја рака сака да договори некој вид коалициона влада во која што би влегла и ДПМНЕ, ама без Груевски во неа? Одделни аналитичари проценуваат дека Ахмети до крај ќе се бори барем да го продолжи векот на стариот режим до организирањето на нови избори, што би значело натамашно усложнување на политичката криза.
Дека споменатата Платформа го нема поставено како приоритет решавањето на кризата, покажува и самиот редослед на поставените барања: извештајот на Прибе и Пржинскиот договор како ургентна основа за нејзиното надминување се ставени на втор или трет план, исто како и задачите на СЈО, чија работа во повеќе наврати беше опструирана и од ДУИ. Не смее да се заборави дека меѓу другите, токму Ахмети и некои негови најблиски соработници беа споменувани како учесници во одделни коруптивни зделки кои се предмет на истрагите на СЈО.
Според тоа, очигледна е намерата на ДУИ главното внимание на претстојните преговори да биде насочено кон прашања што немаат некоја допирна точка со кризната состојба, но можат да доведат до нови блокади во нејзиното разрешување. Само за потсетување: во десетгодишното владеење со ДПМНЕ, оваа партија ниту еднаш не се обиде повеќето од сега поставените барања во Платформата да ги стави на дневен ред во Владата или во Парламент, во кое имаа убедливо мнозинство. Дури откако опозицискиот лидер Заев во предизборниот период најави темелни промени во државата, со спремност да се стават на маса и сите отворени прашања од доменот на меѓуетничките односи, вклучувајќи ја и службената употреба на албанскиот јазик, Ахмети реши да ги вклучи истите тие принципи во Платформата, претставувајќи се како божемен непопустлив бранител на албанските права. Фактички, на навестениот граѓански концепт за демократско реформирање на севкупните промени во општеството одговори со албански обединувачки проглас врз познатите етно-националистички стереотипи, убеден дека тоа е единствениот начин од кој што може и понатаму политички да профитира и да ја обнови разнишаната позиција на својата партија. За жал, со испомош на албанското и косовско раководство таквите определби беа поддржани и од другите албански партии, што се објаснува како гест на припомош на еден веќе истрошен политичар и еден вид нивно оддолжување за неговата улога во воено-политичките активности од 2001. до денес. Независно што сето тоа може да биде дел од сценариото за пролонгирање на кризата и можност за ново прегрупирање на силите на веќе обезглавениот груевистички режим. Во таа смисла, познатиот граѓански активист Владимир Милчин, коментирајќи некои делови од Платформата, посебно барањето за донесување на Резолуција за извршен геноцид врз Албанците, како што не ја исклучува можноста “таа да е само фигура за жртвување во пазарењето за идната влада”, така не ја исклучува “ни можноста да е само едно од тешките за голтање горчливи апчиња кои би довеле до нови избори, организирани од старата влада, онаа од Груевски и Ахмети!”