Корупциски скандал во Ј. Кореја: Побарано апсење на потпретседателот на „Самсунг“

Сподели

Јужнокорејските обвинители денес побараа да биде уапсен Ли Џејен (48), потпретседател на најголемата мултинационална компанија „Самсунг“ поради давање мито и вмешаност во корупциски скандал, кој доведе до отповикување на претседателката Парк Геун-хје, јавува Anadolu Agency (AA).

Ли Кју-Чул, портпарол на специјалниот обвинител кој го испитува скандалот изјави дека Ли се сомничи за проневера и лажење под заклетва пред парламентот.

Ли е обвинет дека ѝ дал 36 милиони долари мито на Чои Сун-сил, долгогодишна пријателка и советничка на отповиканата јужнокорејска претседателка, барајќи од неа за возврат да му помогне да го задржи местото прв човек во компанијата бидејќи неговиот татко и претседател на компанијата е повеќе од две години во болница.

Чои, која го прими поткупот, веќе е уапсена и ѝ се суди за „мешање во државни работи“.

Судот во Сеул в среда, на 18 јануари ќе се изјасни за барањето на обвинителството.

Ли претходно ги отфрли сите обвиненија, а од „Самсунг“ не се огласија со реакција.

Парламентарците на Јужна Кореја минатиот месец ја оповикаа претседателката Парк Геун-хје поради обвинение дека ѝ овозможила на пријателката Чои да се меша во државните работи.