Дали ќе состават Влада ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за една недела?

Сподели

Уште една недела останува мандатот во рацете на Никола Груевски за нова Влада, а во јавноста нема никакви информации за почнување преговори, а уште помалку дека е извесен некаков договор. И од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ велат дека немаат ништо ново што би соопштиле, пренесува 24 Вести.

„Немаме никакви нови моменти. Кога ќе има нешто извесно јавноста благовремено ќе биде информирана“, велат од партиите.

Од последните средби на лидерот на партијата Ахмети со Груевски и потоа и со Заев, досега нема ништо ново. Засега се уште немаме ниту договорено дали и кога ќе бидат закажани консултативни средби на партиските органи за да ги утврдиме натамошните чекори.

Но, Груевски до 29 овој месец треба да го предложи новиот владин кабинет или доколку не успее да постигне договор, да го врати мандатот. Рокот полека истекува а нема ништо извесно од преземање на евентуални натамошни чекори. Груевски, изминатата недела се обиде и преку интервјуто за косовска Газета Експрес да ги омекне ставовите и да ги продолжи контактите со ДУИ. Со оглед на ваквата состојба дел од експертската јавност се помалку верува дека Груевски ќе успее да состави влада со старио коалиционер Ахмети.

Од СДСМ не очекуваат дека наскоро би можело да дојде до договор за формирање нова влада меѓу Груевски и Ахмети. Наспроти ова, лидерот на партијата, Зоран Заев најавува нови средби со ДУИ во текот на следните денови, но за преговори за формирање нова влада, вели дека ќе почека да заврши рокот што го има Груевски.

Во исто време од Алијанса за Албанците стојат цврсто на својот став дека нема да преговараат со ВМРО-ДПМНЕ, се додека претседателот на оваа партија не им се извини на Албанците во Македонија. Од  БЕСА, пак, се категорични дека, како што велат не прифааќаат да преговараат со осомничени лица, пренесува 24 Вести.