За агресивноста и „ПЕНЕТРИРАНИТЕ ЛУЃЕ“ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

„Романтичните друмски разбојници, кои некогаш ги напаѓале осамените патници и карваните, повеќе ги нема. Ги замениле големите меѓународни компании кои напаѓаат на цели народи. Ајдутството полека од царските патишта се пресели во меѓународната политика.“

                                                                                       (Зулфикар Зуко Џумхур, Патување по бесмислата)

Силата е инструмент за успех во овој ганстерски свет! Затоа, насилничкото однесување е сеприсутно во секојдневниот живот, во политиката, економијата, културата, спортот, медиумите. Вусшност, може да се каже дека суровата физичка сила станала мерило на сите нешта. Оттаму, агресијата која е напаѓање, насилство, дрскост, спремност за конфликт, завојување, непријателска ориентација, денес, прикриено или отворено, е најчест modus vivendi.
Сосема е јасно дека денес, како доминантен начин на дејствување во внатрешната и меѓународната политика, функционира политичката и воената агресија со која се настојува со сила и тортура да се постигнат политички цели, пред сè, некој да се потчини и уништи. Јасно е дека постои и економска агресија, која може да се изрази и како насилен, едностран прекин на економските односи на една земја со друга за да се изнуди нешто, но и како економско искористување преку меѓународните финансиски институции кои „даваат“ кредити со лихварски камати, преку искористување и исцрпување на националните природни ресурси… Постои и интелектуална агресија, која се сведува на настапување од позиција на власт и моќ за да се наметнат еднонасочни или фалсификувани вистини, кои, поправо, можат и треба да се наречат полувистини и бесрамни лаги. Тука, кај интелектуална агресија, силата ги руши, уништува и игнорира аргументите, односно пред силата сите аргументи стануваат безвредни. Всушност, пред силата и агресијата произлезена од неа, целосно неважни и непотребни стануваат и правдата, и вистината, и љубовта, и добрината. Сето тоа е така, само за, од мисловниот и вербален дискурс, да се отстранат најважните и најсуштинските теми на човековата егзистенција. Затоа, сите сме изложени на системското и програмирано дезинформирање, преку кое ни се нудат бесмислени пропагандни теми кои ништо не значат и кои единствено го фаворизираат „американскиот сон“. Присутна е дури и „религиозна агресивност“, преку која религиските институции се мешаат во сферата на политиката, на општествените случувања, на меѓуетничките односи, во културата и во образованието. Денес религиозниот фундаментализам е во видлива офанзива и, очигледо, сака да се претвори во нормативна парадигма на општествено–политичкиот систем. Агресивноста е присутна и како културно насилство, преку кое се наметнуваат, со крајна исклучивост, сопствените идеолошки теории и практики. Конкретниот „културен“ резултат е до максимум зголемената присутност на пропагандата и кичот. Така, со голема поддршка на мас–медиумите, кичот и „ѓубрето од животот на естрадните ѕвезди“, се форсираат како секојдневна, важна и дури како „висока“ уметност.
Во една ваква општествена атмосфера, каде доминираат силата и агресијата, сосема е природно и разбирливо да постојат и поединци кои се агресивни, нападни, дрски… Индивидуалната агресија е, всушност, однесувањето кое во секојдневниот живот го распознаваме кај таканаречените „пенетрирани луѓе“ /термин кој го употребува Лудвиг Гиц во своето дело „Феноменологија на кичот“/, кај луѓе кои заради својата агресивност и продорна сила, ги именуваме како кавгаџии кои секогаш се раздразливи и подготвени за конфликт, како поднапиени „кабадаи“ кои спроведуваат диктатура кон околината, наметливци кои во секоја и секаква ситуација се поставуваат во центарот на вниманието… Добро е да се знае дека во психологијата агресивноста е тесно поврзана со поимот фрустрација. Имено, фрустрацијата означува неисполнетост, недостаток, лишеност од нешто и предизвикува непосредно или прикриено агресивно однесување. Острината на агресијата е во рамките на степенот на фрустрацијата. Психолозите објаснуваат дека механизмот фрустрацијаагресија по правило, предизвикува регресија (враќање во пониските форми на однесување и егзистирање). Со овој механизам може да бидат опфатени и поголеми групи на луѓе, а како класичен пример за ова се посочува оној на Третиот Рајх, во кој агресивноста, предизвикана од фрустрациите од Првата светска војна, се насочила кон Евреите, Словените, комунистите…, во годините пред и за време на Втората светска војна.
Не случајно агресивноста, во изворното нејзино латинско значење, е во тесна врска со зборот „сељак“. Имено, зборот агресија (лат. „aggressio“) произлегува од латинското „агер“ – нива, поле и „агрестис“ – селски, сељачки, груб, непрефинет, необразован. Но, да биде јасно, денес употребата на зборот „сељак“ не значи жител на село, затоа што за нив се употребуваат зборовите „селанец“, „земјоделец“, „фармер“. Зборот „сељак“, се употребува да објасни дека се работи за некој што не е ни селанец ни граѓанин, за некој што е сиромашен по ум и по дух, а е надарен со физичка сила, односно се употребува за да се објасни дека се работи за „пенетриран човек“.
Иако некои побрзаа да објават дека насилството се намалува во однос на изминатите времиња (како најдобар пример за ова е есејот на Стевен Пинкер, „Шокантно добра вест за историјата на насилството“), сепак, тоа не е точно. Оти, насилството и денес постои секојдневно и масовно. Оттаму, пред скоро време, светот беше шокиран од фотографии со најбестијални мачења на ирачките заробеници, се тврди дека има над 75.000 невини жртви во Ирак, весниците ни пишуваа, на пример, дека некои домородни бандити „запалиле старица зашто немало што да украдат“… Примерите секојдневно во изобилство ги има во весниците или на телевизиите. За да скратам, би го посочил и би упатил на написот на професорката Билјана Ванковска, со наслов „Чудата на 21. век“ и поднаслов „Дечиња умираат пред очите на целата светска јавност, а мнозина веруваат дека ова сѐ уште е цивилизација!“ („Време“ од 3 август 2006 година), во кој, кратко, ама аргументирано и луцидно, се побива тезата за намалување на насилството, тезата за „нежноста“ на денешниве светски господари и на системот кој го градат.

Зошто агресија?
Зошто омразата и агресијата се можни и доминантно присутни? Зошто грубата физичка сила има предимство над разумот и добрината? Зошто безобразлукот е поприсутен и поприфатен како начин на однесување од пристојноста? Зошто секојдневно се случуваат кражби, убиства, физички пресметки, војни…? Зошто силата е главниот аргумент, дури и во политичките, научните и останатите интелектуални расправи?
Агресивноста, силеџивството, безобразлукот, безобѕирноста, бандитизмот, убиствата… се длабоко вкоренети во идеолошките основи на кои почиваат сите современи капиталистички општества. Светот идеолошки е сфатен и функционира во духот на социјалниот дарвинизам, односно како простор за безмилосна „борба на секој против секого“. Впрочем, самата држава, не само што претставува основен и најважен облик на политичко организирање, туку таа е организација на сила за покорување на народот во корист на владејачката елита. Оти, како што со право тврди Ерих Фром, живееме во „општество кое се темели на столбовите на приватната сопственост, профитот и силата… Модусот на постоење заснован на имањето (поседувањето–б.м.), ставот сосредоточен на сопственоста и профитот, нужно произведуваат желба, поправо, потреба – за СИЛА.“
За владеење со други живи суштества, за да се скрши нивниот отпор, потребна е употреба на сила. Заради одржување на власта над потчинетите, треба да употребуваме сила; сила ни е потребна за да ја заштитиме приватната сопственост од оние што сакаат да ни ја земат, оти ни тие како и ние никогаш немаат доволно. Во модусот на имање, човековата среќа лежи во неговата надмоќ над другите, во неговата сила и, во крајна линија, во можноста од победување, искористување, убивање…
На таков начин, човекот некогаш востоличен од Просветителството како „господар на природата“ и општеството, станува само обичен предмет, кој е манипулиран од силата на општествено–политичките и економските елити. За тие сили неговиот живот и неговото постоење како автентична индивидуа немаат никаква вредност, а единствено вредноста на луѓето е како работна (физичка или интелектуална) сила, која може да создава профит. Ваквата антихуманистичка поставеност на животот, во денешниов суров свет, дури премногу и не се маскира со некакви, макар и половични, аргументи, а пак во пропагандистичките глупости кои секојдневно ни ги „сервираат“, не само што никој разумен не верува, туку, веројатно, не веруваат ниту најголем дел од оние што ги создаваат.
Каде сме ние и Балканот во целиот овој контекст?
Балканот, во западноевропскиот европоцентричен ментален склоп, претставува простор на кој доминираат омразата и насилството и воопшто ирационалните и разурнувачки човекови сили. Секако, ваквата перцепција нема никаква врска со реалноста. Прво, затоа што на Балканот нема повеќе насилство од останатите региони во светот, а второ, затоа што и она насилство што го имало во историјата, или го има во современоста, во најголем дел било предизвикано и поттикнато од „големите“ европски сили. Се чини дека искривената слика за Балканот произлегува делимно од неразбирањето кое во „европските центри“ го има за историјата на Балканот, а делумно за менталитетот на луѓето од балканските земји. Јас сѐ уште мислам дека на Балканот живееле и живеат автенични луѓе, со силно изразени карактерни особини, со силна чувствителност и висока интелигенција. Тоа се луѓе, кои не дозволуваат да бидат претопени и претворени во нешто друго и, токму тоа, им недостига на денешниве „европејци“, па не можат ни да го разберат. Згора на ваквото неразбирање, таквите „балкански“ карактеристики пречат на изградбата на „универзалниот колективизам“ врз кој се темели глобализмот, па се настојува тие или да се уништат, или да се неутрализираат. Во тоа уништување и неутрализирање своја (платена) улога имаат „домашни сили“, кои се регрутираат од редовите на новосоздадените „менаџери“ и „квазиинтелигенцијата“. Како насекаде, така и кај нас, тие, свесно или несвесно, се главните приврзаници, агитатори и спроведувачи на денешниов „нов светски поредок“, кој е во служба на лихварскиот мултинационален капитал. Нив катадевно ги гледаме со нивните бандитски и пљачкашки акции, или ги слушаме и читаме со нивните агресивни плукања и „објаснувања“ за гигантските успеси кои се постигнуваат, или кои во иднина ќе се постигнат, за благосостојбата што нѐ чека кога ќе се „интегрираме“, за неограничената слобода на зборот која ни ја донесе и ќе ни ја носи капитализмот… Таа нападно додворувачка реторика на нашата правоверна глобалистичка „елита“, не само што е лишена од мерка, вкус и воспитување, не само што е лишена од толеранција за поинакви размислувања, туку лишена е од била каква аргументација и реална втемеленост. Секако, треба да се знае дека, истата, има манија за сопствена големина и има длабока непринципиелност и недоследност во интелектуалниот ангажман.
На крајот, стои прашањето: Каде е излезот? Јасно е дека мораме да бараме умот и разумот, кои молкнаа пред агресивната лага и пред силата на моќниците, да се реафирмираат и реактивираат, а со нив да се реафирмираат вистината, вредноста на науката, свеста за слобода и правда, чувството за љубов и добрина. Мораме, заради подобра, почовечка иднина, да ги замениме агресивноста, силеџивството, безобразлукот, безобѕирноста, бандитизмот, убиствата, кои сега преовладуваат, со толерантност, пристојност, чувствителност, добрина, вистинољубивост, кроткост…
(Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“,Аз–Буки, Скопје, 2012.)