Приватна детска градинка од Букурешт соопшти дека денеска ќе работи и во текот на ноќта, со цел да ги згрижи децата чии родители учествуваат на протестите против измените на Кривичниот законик, со кои како што тврдат нивните противници, на политичарите им се овоможува да избегнат судење за корупција.
– Ако сакате да отидете на протестите и нема каде да ги оставите своите деца, детската градинка „Том Соер“ ги отвора вратите за сите деца над двегодишна возраст. Децата дури може и да преноќат кај нас, се наведува во соопштението на управата на градинката.
Како што објави информативниот портал „Заире“, еден млад бизнисмен утрово својата „канцеларија“ ја пренел на Плоштадот на победата во Букурешт, каде се одржуваат протестите, со цел, како што изјави, да може и да работи и да протестира.
Според истиот извор, друг бизнисмен им овозможил флексибилно работно време на своите вработени, со цел да им овозможи да учествуваат на протестите.
Маратонецот Андреј Рошу уште вчера најави дека од денеска „ќе се пресели“ на плоштадот и дека таму ќе тренира.
– Фантастично е да можеш да тренираш со поглед кон Владата. Во крајна линија самото присуство тука претставува форма на протести. Властите треба да сфатат дека земјата нема да запре со протестите, изјави Рошу.
Повеќе жители на Букурешт најавија дека се подготвени да им обезбедат преноќиште на учесниците на протестите кои допатувале од другите градови на Романија.
Повеќедневните протести против измените на Кривичниот законик, според најавите, ќе продолжат и вечерва, откако вчера при судири беа повредени осуммина полициајци и четворица демонстранти.
Инаку, дел од демонстрантите денеска се организираа преку социјалните мрежи да дојдат на Плоштадот на победата за да го исчистат сметот останат по вчерашните протести.