Почна дебатата во британскиот Дом на лордовите за Брегзит

Сподели

 

Членовите на Горниот дом (Домот на лордовите) на британскиот Парламент, денеска ја почнаа расправата за предлог-законот за почеток на преговорите со Брисел, за повлекување на Велика Британија од ЕУ.

Пратениците во Долниот дом, претходно, го поддржаа предложениот закон, според кој премиерката Тереза Меј е овластена да побара од ЕУ, досегашната членка- Велика Британија- да се повлече од Унијата.

За разлика од Долниот дом, во Горниот дом, владата нема мнозинство. Иако има повеќе конзервативни лордови и дами (252), членовите на опозициските партии -лабуристите (202) и либералдемократите (102) – заедно имаат солидно мнозинство.

За дебатата во овој Дом, досега се пријавиле 190 членови, па се очекува расправата денеска да трае до полноќ, а да продолжи и утре. Не се знае со сигурност дали ќе може и да се гласа за владиниот закон.

Опозициските, но и не мал број и ториевски лордови, бараат од владата гаранции за правата на државјаните од ЕУ кои веке живеат во Британија, како и за улогата на Парламентот во проверката и надгледувањето на целиот процес на Брегзит.

Премиерката Меј сака да го покрене членот 50 од Лисабонската спогодба, од 2009 година, до крајот на март.

Преговарачкиот процес, се верува, дека би траел две години, иако експерти и политичари во Лондон и во Брисел, предупредуваат дека работите може да се усложнат и да се оддолжат и повеќе од тој рок.

Лордовите нема да го блокираат Брегзит, а малку е веројатно дека ќе побараат од пратениците одново да распрааваат околу некои делови од предложениот законски текст, затоа што опозицијата не е единствена.

Лабуристите предводени од нивниот левичарски лидер Џереми Корбин, остануваат на ставот дека нема да и прават пречки на Тереза Меј да го почне процесот на преговарање со Брисел.

Голем број лордови и дами од оваа партија, сепак, не се согласуваат со ваквата позиција на нивната партија.

Лорд Манделсон, поранешен министер во владата на Тони Блер и едно време еврокомесар за трговија, смета дека станува збор за исклучително значаен политички момент за Британија, кој не може да и биде оставен на владата, во која доминираат оние кои агитираа за Брегзит.

Лорд Хеин, бивш министер во владите на Блер и на Гордон Браун, пак, изјави дека темелна расправа и добро преиспитување е неопхдно во оваа ситуација. Тој инсистира дека Парламентот не смее да заборави на оние 48 отсто од Британците, или над 16 милиони од гласачите, кои се определија за останување во ЕУ.