Ким Џонг-нам убиен e со хемиски нервен агенс Ве-Икс

Сподели

Малезиската полиција соопшти денеска дека полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Џонг-нам е убиен со хемиски нервен агенс Ве-Икс (VX), кој е пронајден во неговото тело и сега истражува како таа хемикалија влегла во земјата.

Станува збор за еден од најсмртоносните хемиски оружја, кое е создадено од човек, а САД го класифицираат како оружје за масовно уништување. Само 10 милиграми од тој нервен агенс или една капка може да убие за неколку минути, наведуваат експертите. Ве-Икс е без вкус и мирис, така што личноста која е изложена на него воопшто не е свесна за тоа и тешко можат да го детектираат аеродромските сензори, доколку се внесе во мали количини. Тешко се произведува, но се знае дека неколку земји го произведуваат и поседуваат, а САД и Русија се уште имаат резерви од овој нервен агенс.

Ким Џонг-нам (46) е убиен на 13 февруари на Меѓународниот аеродром во Куала Лумпур со отров со брзо дејство, додека се подготвувал да се качи во авион за Мароко, каде живеел во егзил со семејството, под заштита на Пекинг.