Академијата ги смени одговорните за фијаското на „Оскарите“

Сподели

Претседателката на Американската филмска академија која ги доделува „Оскарите“, соопшти дека двајца службеници од фирмата PwC, кои биле задолжени за пребројување на гласовите и пликоата со имињата на победниците, повеќе никогаш нема да работат на организација и спроведување на оваа манифестација.

Черил Бун Ајсакс изјави дека се преиспитуваат соработките на американската филмска академија со таа фирма.

Двајцата службеници на фирмата PwC, Брајан Кулинан и Марта Руиз, беа задолжени за победничките пликоа на церемонијата за доделување на „Оскарите“.

Кулинан во бекстејџ преку твитер испрати фотографија од актерката Ема Стоун, само неколку минути пред водителите на церемонијата, Ворен Бити и Феј Данавеј да го предадат погрешното плико за тоа кој е најдобар филм.

Ајсакс рече дека тоа го свртело вниманието на Кулинан и дошло до грешка. Фирмата PwC, која е задолжена за пребројување на гласовите и за пликоата со имињата на победниците веќе 80 години, се извини поради овој инцидент.

„Кога претставниците на фирмата сфатија дека дошло до грешка, дотрчаа на сцената да го исправат тоа, но предоцна“, изјавија од PwC.

Овогодинешното доделување на „Оскари“ го обележа забуната до која дојде откако Феј Данавеј го прогласи „Ла ла ленд“ за најдобар филм, наместо вистинскиот победник „Месечева светлина“.

radiomof.mk