Кукан, Флекенштајн и Вајгл ќе препорачаат ЕП да го одложи донесувањето на извештајот

Сподели

Ги повикуваме претседателот и сите политички партии да ја почитуваат демократската одлука на граѓаните на земјата и без понатамошно одложување да го прифатат секое договорено парламентарно мнозинство, се вели во заедничката изјава на тројцата европарламентарци Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл во врска со актуелните политички случувања во Македонија.

– Како што неколкупати кажавме заедно со комесарот Хан, очекуваме новата влада да биде базирана на сеопфатен, реформски консензус и на меѓуетничка соработка. Апелираме на одговорност од претседателот и сите политички партии да се воздржат од какви било провокативни изјави или постапки. Од суштинско значење е исходот од изборите и волјата на народот да се почитуваат и да се овозможи да се одвиваат демократските процеси, како што би се очекувало во едно демократско општество – стои во изјавата на тројцата европарламентарци, кои беа посредници и во постигнувањето на Договорот од Пржино.

Кукан, Флекенштајн и Вајгл во изјавата нагласуваат дека неодамнешните настани може да имаат големо влијание врз европската перспектива на земјата.

– Како што стојат работите, ние сме должни да му препорачаме на Европскиот парламент одложување на планираното пленарно гласање за извештајот за земјата за 2016 година – велат тројцата европарламентарци.

meta.mk