ПРОЅИРНО СЦЕНАРИО НА ДВОЕЦОТ ГРУЕВСКИ – ИВАНОВ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели


Се случи тоа што можеше и да се претпостави: Ѓорѓе Иванов, во својство на врвен политички пироман и докажан уставен манипулатор, одби да му го даде мандатот на СДСМ за состав на нова влада. Всушност, со најновата скандалозна одлука тој само потврди дека изнајмената претседателска должност му била доделена за остварување со една цел: по цена и на државен распад и губење на личниот идентитет, покорно и слепо да го брани криминалниот режим на Груевски. И мора да се признае дека таа идиотска задача до сега тој ја извршуваше успешно и доследно, со што најверојатно ќе си обезбеди заслужно место во восочниот музеј на мрачната македонска историја. Можеби не веднаш до Николае и мајка му Нада, ама сигурно покрај исуканите ножеви на разни Ќосевци, Александровци и Михаиловисти. Облечен во кратки пантолони и со ДПМНЕ-овска цуцла под зацрвенетиот нос (образот му е алергичен на таа боја), Иванов ќе сведочи за времето кога заедно со својот партиски шеф го обезличија идентитетот на својот народ, а државата ја претворија во мафијашка тврдина.
Ако повнимателно се проследи текот на нивното соучешништво во креирањето на долгогодишната политичка криза, ќе се дојде до јасен заклучок дека досегашниот шеф на државата бил еден од главните поттикнувачи на присутното безвластие. Еве некои клучни моменти од редоследот на тоа сценарио: кога на 24 декември 2012 година, опозицијата и новинарите беа насилно исфрлени од парламентот, нашиот Хорхе молчеше како мумија.
Кога власта масовно штампаше неуставни закони по скратена постапка, тој се правеше на удрен. Кога одекнаа бомбите на Заев и се разоткрија изборните фалсификати но, и гангстерските грабежи на злосторничкото братство, тој застана во негова одбрана тврдејќи дека се тоа дела на жолти комбиња и странски служби. А кога сфати дека ќе нема куртул од истрагите на СЈО и дека неговиот партиски шеф може да заврши во Идризово, побрза да го аболира со акт спротивен на сите важечки уставни норми. Потоа следеа декемвриските избори на кои што околу 650.000 граѓани му покажаа црвен картон на актуелниот режим, барајќи негова смена и одговорност за извршените недела. Па, откако Николае не успеа да состави влада и стана извесно дека е дојден крајот на неговото владеење, на Иванов му беа испорачани нови директиви: жив или мртов да не дозволи мандатот да дојде во рацете на Заев.
И што можеше сиромашкиот друго да стори, освен да се истопори пред домашната и странска јавност со одамна подготвен говор, во кој што одлуката за блокада на опозицискиот мандат ја објасни како последна можност да ја спаси државата од опасниот пат кој што води кон демократски промени и реформи, граѓански права и слободи, кон европска иднина. Од тие причини, побара албанската платформа што Груевски претходно ја беше прифатил во целост (со исклучок на СЈО), да биде отфрлена како некое наводно кукавичко јајце подметнато од Тирана, со цел да се разнебити македонското национално ткиво, а со тоа и да се урнат темелите на нашата држава. Во таа насока Иванов го поздрави повикот на Груевски за народен бунт, што резултирше со мобилизација на црно-кошулашките партиски фаланги, со ултимтивни прогласи – албанскиот јазик во “Заедничка Македонија”, да не смее да се употребува подалеку од Групчин.
Некогашниот професор по право, чија потесна специјалност беа човековите права, сместен во резиденцијалниот дворец на Водно, заштитен од парадна комитска гарда, ниту еднаш во своите два претседателски мандата не излезе со никаква осуда на апсењата на недолжни луѓе, на тепањето слободумни новинари, на прогонот и смртни закани кон невладини организации и активисти, на сејачите на меѓуетничка омраза.
Опседнат со привилегиите на режимот, со нејзините инструменти на принуда и покор, Ѓорѓе Иванов стана синоним на човек кој што е подготвен своите животни и професионални принципи да ги трмпа и за четврт бурек со урда!