ЗА ПОВРШНОСТА – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

                            “Една од карактеристиките на осредниот дух е вечното пресметување.

                                                                     Албер Ками

Површноста е формата, а не суштината. Она што е на површината е лесно за согледување и разбирање. Затоа, површноста е леснотија, односно сфаќање дека „целта на животот“ е постигнување среќа, а среќата е постигнување на максимум задоволства, кои, пак, се дефинирани како задоволување на било која желба или субјективна потреба која човекот ќе ја почувствува со вложување на најминимален напор тоа да се достигне. (Ерих Фром ова го нарекува „радикален хедонизам“) Површноста не заморува, не поставува прашања, не бара причини, не гледа во длабочината, не открива… Површноста е вештина со хармонични и предвидливи зборови да смирува, да докажува дека светот и човекот се просечни, прозрачни, обични, без никакво заканување и интерес. Површноста значи изработка на бесполезна и бесцелна креација која ниту некого обрзува, ниту некого поттикнува на размислување.

Повеќе од јасно е дека времето во коешто живееме е време на доминација на површноста. Всушност, површноста е важен дел од идеологијата и практиката на капитализмот. Во таа смисла, површноста е средство за владеење и системот ја создава и фаворизира, за самиот тој да може нормално да функционира. Имено, на денешниов глобалистички свет особено му пречи неконтролираниот талент, кој може да се издигне над просечноста и кој може да ја открива неправедната суштина на системот. Тоа за постојниот систем е опасно, оти тој што ја согледал неправедноста, може да започне да бара таа неправда да се исправи и со тоа може да ги раздвижи сите останати луѓе во насока на барање на сопствените одземени права. Затоа, за да се спречи било какво согледување на аномалиите на денешниов општествено–политички систем, да се спречи критиката кон него, да се спречи и најмалата помисла за манифестирање на некакво незадоволство, ги наметнаа како начин на живот површноста и плиткоста. Секако, толку е јасно, што не треба ниту да се објаснува, дека површноста и плиткоста се и единствено можат да бидат, само бедна замена на автентичниот продуховен живот – живот достоен за секој човек.

Се чини дека површноста, едноставноста, плиткоста кои го зафатиле денешниов варварски свет произлегуваат од преовладувачкиот утилитаризам. Утилитаризмот, кој го поистоветува доброто со корисното и кој корисното го издигнува во врвен критериум на оценување на сите нешта и целото однесување, како начин на размислување и начин на живеење веќе е максима која не се доведува во прашање. Утилитаризмот е свето правило! Амбицијата е сите да имаат една и единствена матрица на однесување во која користа, профитот е едно и единствено мерило за сите нешта. Во стварност, утилитаризмот денес претставува заглушувачки татнеж на алчноста и неморалот, на површноста и поедноставувањето и, во крајна линија, придонесува сите нешта или да се релативизираат, или да се понижат.

Во секој случај, површноста сосема добро се продава, односно таа е добро платена услуга. Оттаму, најтиражните и најпрофитабилните книги се само површни и плитки манипулации со човековата егзистенција, со човековата историја, со човековите чувства, со човековите нагони и страсти. И така, на пример, во овој сеопшт човечки маскембал површноста дури е претворена во индустриски процес преку кој лицата вештачки, преку козметички средства и пластични операции, се претвораат во стока која „сериски“ се произведува. Затоа, катадневно сведочиме сеопшт стремеж за лесна и плитка забава, на која ќе се покажат единствено само „насилно разубавените“ лица и тела, односно ќе се презентираат многу маски и уште повеќе театарско искуство. Секако, нема никакви шанси да видите искреност и љубов. Всушност, површноста сѐ повеќе произведува мултиплицирани (клонирани) луѓе кои живеет според однапред подготвени модели и шеми, односно кои немаат свој автентичен живот, туку се реплики на животот на оние кои медиумски се претставени како главни носители на модата и културата…

Во стварност, површноста овозможува носителите на снобовштина и малограѓанштина да не ја видат својата грдотија. Оти, кај нив секогаш во центарот на внимението е огледалото во кое се гледаат само површноста, шминката, облеката, фризурата. Со огледалото тие ја кријат, дури и пред себе, својата себичност, гнилост, шупливост… Слична улога играат и скапите автомобили, велелепните куќи, непрестаните забави… Сето тоа служи како маска за да не се види нивната морална беда, да не се види интелектуална сиромаштија и да не се види целосната емоционална атрофија. Оттука, ако кај некого ја констатирате површноста како основна карактеристика, тогаш слободно можете да заклучите дека се работи за интелектуално, морално и емоционално тап човек.

Кај нас сеопштата површност добива трагокомични димензии. Површноста на сето што го доживеавме и го доживуваме е сосема очигледна. Осредноста (медиокритетството) нѐ преплави како општ потоп. Сѐ е поставено на глава. Учените и мудрите молчат, или сосема ретко зборуваат, а неписмените и манипулаторите секојдневно, преку медиумите, нѐ бомбардираат со своето кичерско толкување на стварноста и испразнето дрдорење за сѐ и сешто. Убијците се претворени во „урбани херои“, а скромните и трудољубивите се неспособни, неснаодливи, неинтересни…  Најповршните луѓе се највисоко на скалата на моќта, славата, богатството, почестите… Тие површни (а на моменти дури и подземни) луѓе кои сѐ работат автоматски, рутински, без разбирање, без страст, без чувства и без став, го окупираа целиот простор и не ни даваат ниту момент одмор од нивните проповеди. Сите тие себични снобови имаат длабока надеж дека можат да ги затскријат својата плиткост, бездушност, егоизам, полуписменост, глупост, со шминката, пластичните операции, скапата облека, излегувањето на „есклузивни“ места, зборувањето пред медиумите… Оттаму, сведочиме дека катадневно нѐ затрупуваат со површни информации од типот „кој со кого и зошто“, или со инвентарни „списоци“ за „десетте најдобри, најлоши, најголеми…“, со површни анализи за името, идентитетот, економијата, државата, со површни и плиткоумни публикации за минатото, сегашноста и иднината… Всушност, сите тие живеат од неодговорно лансираните измислени или двосмислени иронии и клевети. Сите тие поседуваат завидливост како преовладувачка страст и омраза како органска потреба, што, пак, ги насочува да уништуваат сѐ што е подобро и поспособно од нив. Затоа, непрестано слушаме површни аргументи насочени кон неистомислениците (argumentum ad hominem), кои, поправо, не се аргументи, туку се етикетирања, плукања и денунцијации. И сите тие ситни душу својата духовна сиромаштија, вулгарно празноверие, бесмислени лаги, плитки предрасуди и бесовесни халуцинации, со помош на техниката на додворување, лигавење и сплеткарење пред помоќните и поважните, се обидуваат и ни ги продаваат како врвно достигнување во науката, уметноста, културата, патриотизмот… А, пак, од своја страна, просечниот граѓанин наполно се прилагоди и се загуби во општата атмосфера на медиокритетство и повеќе, се чини, не е во можност да распознае и препознае продлабочени и издржани анализи, односно вистински и трајни вредности.

На крајот да заклучиме: живееме во време на бесчувствителна, но криминална цивилизација, во која царуваат медиокритетството, скржавоста на духот, завидливоста и злобата, површноста и плиткоста. Во оваа наша сеопшта и континуирана весела забава од светски размери, во организација на поклониците на профитот, всушност, скоро сите сме само експериментални глувчиња за игрите на големите политички манипулатори и на мултинационалните компании. Оти, во планетарни рамки, скоро сите сме ставени во шемата на обожавање на плитката кичерска култура, скоро сите сме изложени на бездушно економско експлоатирање и скоро сите нѐ трансформираат во плиткоумни единки за да добијат колективна послушност. Сосема е јасно дека секојдневниот евтин симплифицизам на крајно сериозните настани и процеси околу нас настојува да произведе фанатизираната слепа толпа подложна на лесна и евтина манипулација од страна на  пропагандата, но, всушност, сето тоа го турка светот кон вистинска пропаст. Мислам дека денес треба да се истакне: на човештвото повеќе од кога и да е му е потребно движење од површината на нештата кон нивната бесконечна длабочина. Потребно му е напуштање на фаворизираните модели на живеење кои се темелат на плиткоста и површноста и прифаќање и поттикнување на суштинските и вистинските доблести и вредности.

 

(Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“, АзБуки, Скопје, 2012.)