ПОЛИТИЧКИ МОНСТРУМИ

Сподели

Георги АЈАНОВСКИ

54

Секое време си носи и добро и лошо, а луѓето се препознаваат по тоа какви биле и како постапувале и во едното и во другото време и невреме. Особено тоа доаѓа до израз во нивниот политички ангажман, кога влегуваат со намера да придонесат за општиот напредок, но при првото соочување со сопствената неспособност да ги решаваат проблемите што ги создале, се трансформираат во политички карикатури кои што тиранизаарт се` што ќе им се испречи на патот на нивното беззаконие. Опиени од моќта и привилегиите на власта, тие едноставно се одлепуваат од животната реалност и почнуваат да глумат некакви национални месии и парадржавни спасители

 

Секое време си носи и добро и лошо, а луѓето се препознаваат по тоа какви биле и како постапувале и во едното и во другото време и невреме. Особено тоа доаѓа до израз во нивниот политички ангажман, кога влегуваат со намера да придонесат за општиот напредок, но при првото соочување со сопствената неспособност да ги решаваат проблемите што ги создале, се трансформираат во политички карикатури кои што тиранизаарт се` што ќе им се испречи на патот на нивното беззаконие. Опиени од моќта и привилегиите на власта, тие едноставно се одлепуваат од животната реалност и почнуваат да глумат некакви национални месии и парадржавни спасители.

Земете го примерот со шефот на државата Ѓорѓе Иванов: познат професор и доктор на правни науки, поранешен новинар и општественик кој се залагал за човековите права и слободи. Но, по наговор на младиот партиски лидер на ВМРО ДПМНЕ, кому му беше потребна неговата научна титула  и сервилност, прифаќа да се кандидира и на фалсификувани избори да стане претседател на државата, преобразувајќи се во најголем партиски послушник и измеќар на својот политички патрон. Формално како прв човек на државата, тој ги трампаше нејзините интереси за ситни, лични користи, прогласувајќи противуставна амнестија и законско устоличување на најтешкиот криминал и корупционерство во државата. На крајот оваа кловновска фигура, својата политичка кариера ја завршува во карикатурална поза: нарачаната одлука за аболиција прво ја прогласува за уставна и конечна, а потоа за полууставна и  условна, за на крајот да ја повлече како неприменлива и неморална.

Слична е и судбината на претседателот на Парламентот, Трајко Вељановски: човек со просечни правни способности и без минимално политичко искуство, добива задача од својот лидер Груевски од Парламентот да направи ДПМНЕ-овска партиска депонија: беспоговорно изгласува противуставни закони, директно диктирани од партиската фабрика за манипулации. Ќе остане запаметен во парламентарната историја како единствен собраниски претседател кој што организирал полициски упад и бркање на клоци на опозициски пратеници и новинари од пленарна седница, со цел да подметне криминален буџетски закон. На врвотот на политичката и институционална криза во државата, по свој кеиф го распушта и повторно го свикува парламентот, вршејќи монтажа и демонтажа на главните уставни начела, заради потребите на својот партиски диригент. Со своето шарлантанско однесување, Вељановски практички го погреба македонскиот парламентаризам и драстично ја продлабочи политичка криза во државата.

Тогаш, што да се рече, а што веќе не е речено за експремиерот Никола Груевски: од обичен и типичен брокерски референт, преку штипската роднинска ДПМНЕ-овска лоза, случајно заплива во политичките води, молскавично искачувајќи се на владиното кормило. Од тој момент започнува и неговата мафијашка преобразба: болно амбициозен и суетен, суров и циничен кон своте неистомисленици, себичен и алчен во личното богатење, тој прерасна во еден вид паланечки диктатор, кој што безмилосно ги гази човечките достоинства и слободи. За да ја спаси својата кожа за сите нанесени злодела тој покажа подготвеност државата и народот да ги фрли во најдлабокиот амбис, за потоа од неговите луциферски височини да се насладува на своите грди, злосторнички подвизи.

Ете, тоа се луѓето што денес го претставуваат македонскиот државен врв, чии команди на копче роботски ги извршуваат стотици нивни следбеници: уставни судии, обвинители, министри и пратеници, разни полуинтелектуалци и шалабајзери во сите и категории.

Има ли нешто потажно, пожално и понеправедно за оваа наша измачена држава?