СДСМ: Ширењето омраза и поттикнувањето насилство се кривични дела

Сподели

СДСМ најостро ги осудува политиките на поделби и раздор кои ги промовира Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кои од ден на ден стануваат се поопасни. Во очај од поразот, ВМРО-ДПМНЕ и Груевски секојдневно ја зголемуваат омразата кон сите оние кои не мислат како нив.

Објавените потерници за неколку високи функционери на СДСМ за наводно предавство кои се делат низ улиците, дополнително ја разгоруваат омразата и поделбите и истовремено поттикнуваат насилство.

По објавените некролози за неколку амбасадори и странски дипломати, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да создава атмосфера на омраза и линч кон сите оние кои се неистомисленици со Груевски.

СДСМ бара веднаш да престане насилната и хушкачка реторика, која лесно може да прејде во физичко насилство. Ваквите потези на ширење омраза лесно можат да ескалираат и да отидат во несакана насока. Оние кои поттикнуваат тензии и насилство веднаш да се откажат од таквиот чин, бидејќи ќе понесат одговорност за секое евентуално насилство.

Ниту една закана, ниту еден повик на насилство нарачано од очајниот Груевски нема да ги спречи промените за кои се изјасни мнозинството граѓани. Граѓаните не сакаат насилство и поделби, туку мир, просперитет и квалитетен живот

Ширењето омраза и поттикнувањето насилство се кривични дела и сите оние кои поттикнуваат или вршат насилство ќе одговараат согласно законите, реагираат од СДСМ