Судија од Хаваи ја блокираше новата уредба на Трамп

Сподели

Неколку часа пред да стапи на сила, федералниот судија од Хаваи ја блокираше новата извршна уредба на американскиот претседател Доналд Трамп за забрана за влез во САД.

Окружниот судија Дерик Вотсон ги доведе во прашање доказите и образложенијата на Трамп дека забраната се воведува поради национална безбедност, пренесува „Би-би-си“.

Тој истакна дека новата извршна уредба не ги исполнува правните односи и издаде привремена забрана, која важи на целата територија на САД.

– Хаваи има горда историја на пристигнување на илегални мигранти кои тука беа добредојдени и ние и понатаму ја славиме нашата разноликост. Одамна сме научени дека кога луѓето од различно потекло работат заедно, можат да остварат големи дела. Верувам дека постојните закони ќе осигураат ригорозен процес на проверка на луѓето што доаѓаат на Хаваи, со што се обезбедува сигурност и благосостојба на нашата заедница – вели Даг Чин, државен обвинител на Хаваи.
На собирот во Тенеси, Трамп изјави дека пресудата е без преседан и дека поради неа САД изгледаат слабо.

Тој додаде дека ќе оди докрај, односно дека ќе ја турка работата до Врховниот суд, каде оцени дека ќе победи.

– Уредбата што судијата од Хаваи ја блокираше е ублажена верзија на првата уредба, која исто така е блокирана од друг судија, што, според мене, никогаш не требаше да се случи. Овој потег, според многумина, е надминување на судските овластувања без преседан. Законот и Уставот му даваат овластувања на претсеателот да ја суспендира имиграцијата во САД кога тој смета дека тоа е неопходно, а во интерес на американскиот народ – рече Трамп.

Новата извршна уредба за забрана на влезот во САД треба денеска да стапи на сила. Со неа се забранува влез во САД на државјани на Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и на Јемен на 90 дена, а на бегалците на 120 дена.

meta.mk