Најмногу жалби за „молк на администрацијата“ при барање информации од институциите

Сподели

Најголем број од жалбите до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер завршиле со позитивен исход за барателите на информации. Жалбите претежно се однесуваат на т.н. молк на администрацијата.

Тоа се наведува во резултатите од истражувањето на „Аналитика“ од каде го објавија првиот квартален извештај од следењето на работата на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Според истражувањето, по почнување на жалбената постапка барателите најчесто ги добиваат бараните податоци. Сепак, дел од институциите воопшто не одговараат на дописите на Комисијата и се уште се потребни обуки за правилно спроведување на законот. Во однос на жалбите за одбиен пристап поради степен на класификација на бараните информации, Комисијата во сите случаи ги потврдила решенијата за одбивање на пристапот, соопштуваат од „Аналитика“ кои изготвуваат квартални извештаи преку проектот „Транспарентни и ефикасни државни регулаторни и надзорни тела“, што го спроведуваат со  поддршка од Британската амбасада.

„Аналитика“ оценува дека и двете тела во иднина треба да покажат поголема проактивност во својата работа. Политичката нестабилност и отсуство на функционална законодавна власт може да има негативно влијание врз нивната работа. Позитивно е тоа што и двете тела навремено ги објавија своите програми за работа за 2017 година. Сепак немаат прецизна временска и финансиска рамка што може да придонесе кон потешкотии во реализацијата, се вели во соопштението.

Во однос на транспарентноста, „Аналитика“ инфромира дека според истражувањето, Дирекцијата за заштита на личните податоци има забележителна и постојана активност во медиумите, особено на радио, печатените медиуми и социјалните мрежи. Нејзината Интернет страница има сеопфатни и лесно достапни информации за граѓаните, како и можност за електронско поднесување на барање за утврдување на повреда на правото на приватност и иницијатива за инспекциски надзор. На граѓаните им се потребни повеќе чекори да добијат информации за остварување на правото на пристап до информации, и Комисијата за заштита на ова право е помалку присутна во традиционалните медиуми и социјалните мрежи. Интернет страниците на двете тела се редовно ажурирани, а страницата на Дирекцијата треба дополнително да се уредува на албански јазик, се наведува во соопштението.