ПОКАЈАНИЕ – Гордана ПОПСИМОНОВА

Сподели

Бидејќи пред некој ден причитав ФБ објава полна со омраза и негативни квалификативи поради моите јавно објавени ставови, бидејќи почнаа да ми се случуваат инциденти и да примам закани поради моето предавство на виталните македонски интереси срочени во моите јавно изразени гледишта за состојбите во Македонија, решив да се соочам со сопствените грешенија. И затоа, драги мои загрижени, насекирани и црвено-жолти пријатели, другари, колеги, роднини и соседи кои катадневно стражарите над судбината, иднината и честа на нашата мајка Македонија, имам морална и човечка обврска да ви објавам дека ги признавам сите мои грешки, гревови и заблуди. Пушам цигари, пијам пиво, имам холестерол, гледам љубовни филмови, читам марксистичка литература и слушам имепријалистичка, во суштина антимакедонска и антиправославна соросоидна музика. Потполно сум свесна дека ваквото однесување ме одалечува од светоста на вашата борба за етнички чиста, деалбанизирана, дехомосексуализирана, еднојазична и загрозена Македонија.
Оттаму, јавно посипувајќи се со пепел, прав и полен, вцрвенета во обравчињата и длабоко засрамена, изјавувам дека:
– Никола Груевски е нашиот вечен, посветен и загрижен пастир кој перманентно бдее над нашата библиска земја. Тој мисли на Македонија и кога спие, а спие ретко затоа што мисли на Македонија.
– Вселенска лага е дека братучед му Мијалков е криминалец, бандит и ефтин шиткач. Човекот е патриот, а тоа најдобро се слуша од снимките кои ги објави предавникот Заев.
– Зоран Заев е аболициран криминалец, кој само се бори за гола власт, водејќи се од глупавата максима дека опозицијата треба да се бори за власт.
– Зоран Заев, заедно со Радмила Шеќеринска, Петре Шилегов, Павле Богоевски, Ивана Туфегџиќ, треба да се ликвидираат по кратка постапка исто како што правеше Пиноче – на стадион. Заедно со другите 40 и кусур пратеници од СДСМ и нивната предавничка коалиција, како и сосе уште едно 400-500 илјади нивни поддржувачи што си дозволија да гласаат за нив. Ако немаме толку голем стадион, ќе изградиме.
– ДУИ е шиптарска партија, што под дифолт значи дека нé мрази нас Македонците. ДУИ е лоша партија, освен кога коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.
– Али Ахмети е лош, а кога коалицира со ВМРО-ДПМНЕ е помалку лош. Во секој случај е лош, а во ретки случаи и не толку лош.
– Меѓународната заедница постојано, непрекинато и подмолно работи за разнебитување и уништување на нашата света земја, 33 пати спомната во Новиот завет. Оттаму, неминовна е потребата да се протераат сите западни дипломати. Руските и српските нека постојат.
– Шарената револуција да се забрани, односно да се стави вето на секое нејзино споменување на ФБ и во други медиуми во наредните 50 години, колку што ВМРО-ДПМНЕ треба да остане на власт.
– Прислушуваните разговори кои ги објави абортираниот криминалец Заев, не се точни. Во нив има многу граматички, лексички, правописни и семантички грешки, што како такви, ги прави нерелевантни.
– СЈО веднаш да се укине и со декрет на Исламската верска заедница и Светиот архиерејски синод на МПЦ ОА, да се забранат женските имиња Фатиме, Катица и Ленче.
– Гордана Јанкулоска да добие своја улица во Скопје и тоа во општините Центар или Карпош, бидејќи другите не се репрезентативни.
– Ангела Меркел се сретна со Никола Груевски на Малта и по 11-часовна размена на мислења за глобалните стратешки прашања, германската канцеларка поцрвене и се засрами од себе и од своите заблуди за состојбите во Македонија. И таа да се протера од некаде.
– Германскиот европратеник Кнут Флекенштајн е потомок на Франкенштајн.
– Путин е наш, а и Трамп е наш, ама не до толку.
– Илија Димовски секогаш е во право, па дури и кога Љуми го заебава за Халкидики.
– Зијадин Села никогаш не е во право, па дури и кога Љуми го заебава за Платформата.
– Платформата на шиптарите да се запали кај Минчо во Макстил, заедно со сите изданија на Алан Форд. Воедно, да се стават вон закон сите чевли со платформи.
– Трајко не е сељак.
– Фрчко е безвезе, Тричко е пијандура, на Орданоски жена му работи во германска Амбасада, а на Героски жена му му е втора жена. Мене ми е синот вонматеричен.
– Латас, Ивона и Сарма, според нивни зборови, а наше убедување, се најдобри новинари во Југоисточна Европа. И пошироко кон северозапад.
– Сеад Кочан, звани „ибица“ сам си го запали бентлито со бензин дониран од Шарената револуција.
– Под итно (уште задутре) да се свикаат предвремени парламентарни и локални избори на кои ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 119 пратеници и неколку општини од соседните држави, наспроти една голема нула од сороспиите. Со тоа, Македонија ќе се стабилизира, ќе се зголеми бројот на работни места, ќе се намали сегашниот лажен надворешен долг од пет милијарди евра и Никола Груевски раат ќе се откаже од премиерската функција во корист на просечна хациенда во Белизе. Од каде што ќе продолжи да бдее.
– Џорџ Сорос да се прогласи за персона Пу-јаз’к. Барем два пати.
– Бетмен Велит и Борис Еднооки да добијат национални пензии и ракија во неограниченa хектолитража.
– Ѓорге Иванов доживотно да се прогласи за доживотен и постдоживотен претседател на Македонија, како и за чесен, почесен и најчесен претседател на валандовската ракијада.
– Љубиша Георгиевски и Саво Климовски да добијат споменици на улица Илинденска (пред Зоолошката градина) како најголеми жртви на комунистичкиот режим, бидејќи во времето на СФРЈ биле најдрско, најбезочно и многу непристојно спречувани да ги покажат своите таленти, вештини, умеења и знаења.
Е, па, толку ми текна, драги мои непријатели и контрамисленици. Мислам дека е доволно за една солидна неомраза. На крајот, сепак, ќе победиме.
ДА ЖИВЕЈТ МАЌЕДОЊА ПОДОБРО СМРД ОТКОЛКУ РОП ЗА ВМРО ДО ГРОП111