Американските медиуми јавуваат дека Соединетите држави нападнале сириска воздухопловна база со десетици крстосувачки ракети. Тоа било одговор на смртоносниот напад со хемиско оружје врз цивили што се случи деновиве, а за кој беше обвинета сириската влада. Нападот бил извршен од воени бродови на Средоземно море, а главна цел била базата Шајрат. Се смета дека токму од таа база бил извршен хемискиот напад. Тоа е прв директен американски напад врз цели на сириската влада во шест годишната граѓанска војна во таа земја. Тоа исто така е и најконсеквентна воена наредба на претседателот Доналд Трамп од доаѓањето во Белата куќа. Непосредно пред американскиот напад, руски дипломати го предупредија Вашингтон да не презема таков чекор, додавајќи дека ќе ги сноси сите негативни последици од тоа. Овој потег претставува драматично вртење за Трамп кој за време на изборната кампања најавуваше повлекување на САД од конфликтите на Блискиот Исток.