ЗА ПРИСТОЈНОСТА И НЕПРИСТОЈНОСТА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

„Колку привидна пристојност бара непристојниот свет…“    Алеш Мустар

Навистина, дали сте си го поставиле некогаш прашањето што си го поставува словенечкиот поет Алеш Мустар? Или, можеби сте се прашале колку сила е потребна за да се остане пристоен? Всушност, постои ли денес убавото, пристојното, културното, култивираното однесување? Јас, навистина, често се прашувам, како е можно повеќе да се цени безобразлукот и непристојноста, отколку пристојноста и културното однесување? Се прашувам, дали навистина успеваат само оние кои се вулгарни, безобразни, насилни, без манири, со еден збор оние кои се – непристојни? И уште се прашувам, дали навистина од денешниов циничен свет ги протерале пристојните, принципиелните, благодушните, умните, мудрите…, или пак тука се некаде, ама се изложени на постојан потсмев како губитници, па самите се кријат и молчат?

Мислам дека сите сме свесни дека во денешниов свет со целосно изместена морална, културна и општествена аксиолошка скала, убавото, пристојното, културното однесување не е на цена. Пристојноста изгубила вредност, од едноставна причина што повеќето луѓе, секојдневно „бомбардирани“ со агресивност и непристојност, воопшто и не ја забележуваат кога ќе се сретнат со неа. Сакам да кажам дека медиумите, образованието, целиот општествен систем намерно ни го нудат и го фаворизираат примерот на непристојноста, како модел на корисно и прифатливо однесување. Наспроти  тоа, способните и добрите, праведните и принципиелните, умните и пристојните, денес ги „газат“ и омаловажуваат.

Како до пристојност?

Но, да почнеме од почеток!

Сосема е нормално дека кога се зборува за нешто, тогаш најнапред треба да се расчисти што значи самото тоа нешто. Затоа, дали знаеме што е убаво, културно, пристојно однесување? Дали сме пристојни или само така сакаме да мислиме за себеси? И, всушност, дали знаеме што треба да направиме за да бидеме пристојни?

Според мене, пристојноста, пред сѐ, е контролирање на сопствените нагони и животински инстинкти, со цел да се однесуваме како луѓе и да се прилагодиме и вклопиме во средината во која живееме и се движиме. Не напразно умниот Френсис Бекон рекол: „Врвот на доброто однесување е во тоа човекот да го задржи сопственото достоинство, а да не ја поремети слободата на другите.“ Но, прилагодувањето и вклопувањето во средината не смее да значи губење на сопствените критериуми и сопствениот карактер, односно не смее да биде губење на сопствената личност.

Во сите времиња, и секаде, убавото и пристојно однесување било поврзано со моралот, односно со моралноста или неморалноста на определена личност. Така, на пример, во стара Кина, „придржувањето кон моралните принципи беше прашање на добар вкус на духот, а расипаноста се сметаше за злосторство што се казнуваше со смрт.“ (Шан Са, „Царица“) Тоа што важеше некогаш, треба да важи и денес, па оттаму пристојноста подразбира да бидеме морални во своето однесување и зборување, односно секогаш да  размислуваме и да разликуваме што е добро, а што е лошо и зло.

Мислам дека неможно е некој да е пристоен, без притоа да биде лојален кон пријателите, кон љубениот, кон блиските, кон колективот каде припаѓа, кон друштвото со кое се движи и забавува… Неможно е некој да е пристоен ако не е верен и посветен на некакви принципи и идеали. Кратко кажано, пристојноста бара верност кон себеси и верност кон љубениот. Оти, без овие особини, се губи темелот за живеење во заедница со други луѓе, па следствено, без овие особини не може збор да стане за пристојно живеење.

Натаму, мислам дека сосема сигурно е дека пристојноста подразбира извршување на сопствените должности кон себе и кон она што го работиме, со истовремено поседување на одговорност за она што се зборува и прави. Ова значи, дека секогаш треба да се почитува и исполнува сопствениот свесно даден збор, односно значи дека секогаш треба да се стои зад сопствените зборови и дела. Секако, значи и поседување на јасна свест за реално оценување и однесување кон себе, кон другите луѓе и кон светот што нѐ опкружува.

Пристојноста има потреба од поседување на емпатија, односно на способност за доживување на емоционалните состојби, мислењето и однесувањето на другите луѓе. Оттука произлегува подготвеноста за помош и поддршка на други луѓе, што, бездруго, е важен дел од пристојното однесување. Во блиска релација со емпатијата, при дефинирањето на пристојноста, е и љубезноста, односно добриот збор кон секој и секого. Но, да се разбереме, вашата емпатија и вашата љубезност треба да се заслужат, оти не можете да сочувствувате, да помагате и да бидете љубезен кон некој што е непристоен или насилен. Во овој контекст, дел од пристојноста е обѕирноста, односно внимателноста кон другите. Имено, секој треба да се има свест дека не е „центар на светот“, дека постојат други луѓе околу него, дека тие другите треба да се почитуваат и уважуваат, дека треба да се има обѕир за нивните желби и тешкотии, дека треба да се биде внимателен кон нивните слаби страни, комплекси, недостатоци… Тука е и скромноста, како особина која е неопходна за да се биде пристоен и која значи дека никогаш не треба претерано да се истакнува сопствената личност, туку, напротив, треба секогаш да се цени и да се има респект кон друга личност. Едноставно, не смеете некого да омаловажите, туку секого треба да почитувате. Впрочем, секогаш имајте на ум: „За да се признае туѓата вредност, треба да се има сопствена.“ (Артур Шопенхауер). На обѕирноста може и треба да се надоврзе толеранцијата, како неопходен елемент од пристојноста. Толеранцијата значи уважување и ценење на разликите, на различноста на другите. Се работи за тоа да се ослободиме од предубедувањата и предрасудите што ги имаме за другите, поинаквите од нас и да се концентрираме на нивните вистински етички недостатоци, кои, недвојбено, секогаш треба да се критикуваат.

Секако, да не заборавиме, пристојноста е неразделно сврзана со – ненасилноста! Да не се применува физичка сила, вреѓање, плукање, безобразност, туку силата на аргументите, силата на вистината и правдата. Ајнштајн со право велел: „Силата отсекогаш ги привлекувала луѓето со низок морал…“ Во овој дел најчесто доаѓа до неразбирање за што се зборува. Имено, на некои може да им се стори дека застапувам некаква млитавост, како човечка карактеристика. Таквите сметаат дека во човечката природа е да се бори за она што го сака или што е негово. Всушност, тие грешат, оти не ја разбираат разликата меѓу насилството и борбеноста. Имено, борбеноста значи постигнување резултати во рамките на правилата на прифатливо однесување, во рамките на праведноста и чесноста, а насилството е спротивно од борбеноста, затоа што се темели само на голата физичка сила, без правила, без праведност и чесност.

Срамот и бесрамноста

На сите досегашни елементи потребни за пристојност, мора, како клучен, да им се додаде и срамот! И обратно, како клучен елемент на непристојноста, мора да ѝ се додаде бесрамноста!

Уште Платон, со помош на митот, се обидувал да објасни зошто срамот е елемент кој ги обврзува сите во човечката заедица и да објасни зошто немањето на срам повлекува општествена санкција. Аристотел во својата „Никомахова етика“ утврдил дека „оној што се плаши“ од срамот е „пристоен“, а оној „што не се плаши е бесрамен.“ Имануел Кант, пак, во својата „Критика на практичниот ум“, објаснил дека чесниот човек има „свест дека ја чувал и почитувал човечноста во својата личност, така што не треба да се срами пред самиот себе и нема причини да се плаши од внатрешно самоиспитување…“ Во секој случај, би ги упатил сите оние кои се заинтересирани за срамот како важен човечки феномен, да ги погледнат прецизните анализи на срамот кај францускиот филозоф со еврејско потекло Емануел Левинас во една негова студија од 1935 година и кај Хајдегер во неговите „Предавања за Парменид“ од 1942-1943 година.

Во оваа пригода мислам дека треба да биде јасно дека во животот на секој нормален човек срамот е еден вид на кочница од непожелни и непристојни дејствија. Покрај тоа, мислам јасно е дека секој човек што не знае или не може да ја среди својата општествена или лична положба и на некој начин не може да ги регулира или отстрани своите несреќи – се срами од нив и од самиот себе. Па дури и повеќе од ова, мислам дека добро воспитаниот и пристоен човек, се срами и од туѓите несреќи, од туѓата беда, од неправдата врз друг, од насилството над послабите и беспомошните… Мислам дека кога не би постоел срамот, луѓето веројатно не би можеле да опстанат како луѓе.

Срамот е транспарентно својство. Имено, срамот е чувство кое секогаш се препознава на лицето на човекот. Луѓето секогаш поцрвенуваат кога ќе направат нешто непријатно и недолично. Затоа,писателот Марк Твен вели: „Човекот е единственото животно што црвенее. Или што треба да црвенее.“ А, пак, обичните луѓе срамот го поистоветуваат со имањето „образ“, имањето „свест и совест“, а бесрамноста со немањето „образ“, со „валканиот образ“, со „ѓон-образ“.

Денеска, кога скоро сите трчаат по „благодетите“ на модерното живеење, кога се живее во конзумерско општество и континуирана повеќегодишна /и, веројатно, уште поизразена идна/ сексуална револуција, речиси на секој чекор постојат луѓе кои не се срамат, највалканите и најсрамните дела да ги прават јавно без оглед кој ги гледа или слуша. Всушност, сосема е јасно, систематски се продуцираат и фаворизираат непристојноста и бесрамноста, па се добива впечаток дека којшто загубил срам, добива признание толку поголемо колу што бесрамноста му е поголема и побезочна… Денес, барем навидум, простаците се оние кои се „успешни“,„важни“,„богати“…

Меѓутоа, досегашното колективно искуство многупати потврдило дека секогаш и секаде, значењето, важноста и успешноста на секој човек, на крајот секогаш се оценува врз основа на чистотата на образот. Затоа, без разлика што може да ви се причини дека пристојноста и чистиот „образ“ се неважни, сепак помнете дека тие се најголеми украси кои можете да ги поседувате и кои никој не може да ви ги одземе со сила!

Значи, пред сите нас секојдневно стои прашањето: Како против непристојноста? Одговорот е логичен, едноставен и единствен – со пристојност! Имено, потребно е најнапред сите да сфатиме дека пристојноста е убава и добра карактеристика во сите времиња и секаде. Оттаму, сите секогаш треба да ја поттикнуваме, охрабруваме, негуваме, фаворизираме, наградуваме… Сите треба да научат и сфатат дека секој човек може и треба да биде пристоен. Всушност, секој мора да настојува да биде повеќе човек отколку што му дозволува овој антихуманистички општествен систем во кој живееме. Сето ова значи дека најефикасниот начин за борба против непристојноста и бесрамноста е личниот пример во примена на пристојноста и ценење, поддржување и наградување на туѓата пристојност. Мора да разбереме дека нашата пристојност е нашата лична карта што секогаш ја носиме со себе. Врз основа на пристојноста ние се идентификуваме како нешто што е различно од животинскиот свет, се идентификуваме како човечки суштества. Всушност, на моја радост, мислам дека постои огромен број на луѓе што се културни, пристојни, сталожени… Тие се секојдневно околу нас и јас ги гледам и се чувствувам убаво. Проблемот е во тоа што за нив не се слуша на телевизиите и не се пишува низ весниците и списанијата!

И, на самиот крај, да кажам дека пристојните луѓе се такви, не заради тоа што имаат потреба да им се допаднат на другите, туку, пред сѐ, заради сопственото достоинство, заради чистиот образ кога ќе се погледнат во огледало, заради желбата да останат човечки суштества… Затоа, да се разбереме, светот сам по себе е прекрасно место за живеење. Луѓето, во принцип, се најпрекрасниот производ на природата. Ама, она што не чини е – денешнава организација на светот, денешнава поставеност на меѓучовечките односи, денешново образование и воспитание. Тоа треба да се промени!

(Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“ од 2012 година)