Започна состанокот Ердоган-Путин во Сочи

Сподели

Почна состанокот на претседателите на Турција и на Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, јавува Anadolu Agency (AA).

Состанокот се одржува во претседателската резиденција во Сочи, а по поздравниот говор средбата ќе биде затворена за медиумите. На состанокот присуствуваат турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, заменик-генералниот секретар и портпарол на турското Претседателство, Ибрахим Калин, и шефот на разузнавачката служба, Хакан Фидан.

Ова е нивни петти состанок од почетокот на кризата во односите, што ја предизвика турското соборување на руски авион кон крајот на 2015 година. На покана на неговиот руски колега, Ердоган денес допатува во Сочи, а на средбата двајцата лидери ќе разговараат за билатерални и регионални теми, со посебен акцент на интензивирањето на билатералните односи, како и за ситуацијата во Сирија.

Ердоган и Путин од почетокот на кризата во билатералните односи се состанаа во Санкт Петербург, Кина, Истанбул и во Москва. Нивниот последен состанок се одржа на 10 март во Кремљ, кога беше одржан и состанок на Турско-рускиот совет за соработка, и кога беа потпишани низа билатерални договори.

Турскиот претседател во таа пригода изјави дека е убеден оти процесот на нормализација на билатералните односи е завршен, и дека повеќе терминот нормализација нема да се користи, како и тоа дека двете земји ќе продолжат со процесот на интензивирање на соработката во сите области.

И Путин тогаш истакна дека двете страни ќе продолжат да работат на подигање на билатералата на ниво кое тие две земји го заслужуваат, и додаде дека е свесен оти многумина во светот се изненадени од таквата блиска соработка на руските и турските воени и разузнавачки институции.