360˚: Брисел и Вашингтон со план за брзо стабилизирање на Македонија (ВИДЕО)

Сподели

„Најголемото влијание на ЕУ, во наш интерес, е да имаме преговори низ кои ќе се надминат недостатоците“.

Оваа изјава на Јоханес Хан од пред една година, во која повикува на отворање преговори за членство со Македонија, еврокомесарот за проширување сега, во услови на извесен трансфер на власта, се повеќе ја актуелизира на средбите и со македонски и со претставници на земјите-членки. Последната ваква порака Хан ја испратил на минатонеделниот состанок на мешовитиот европско-македонски парламентарен комитет, ветувајќи европска поддршка за новата гарнитура на власт во Скопје, иста како што имала и онаа во заминување. „Ако се надмине оваа состојба, ние како Европејци, исто така треба да испорачаме наша подготвеност за старт на преговори“ – рекол Хан на состанокот во Брисел, на кој присуствувал и претставник на новото парламентарно мнозинство.

 

„Она што ме радува на овој состанок е што прилично едногласна беше поддршката од сите поголеми политички групи во ЕП за поддршка на новата реформаска влада што ќе се формира деновиве и следствено на тоа поддршка за новата реформска влада и за Македонија брз почеток на преговорите за членство во ЕУ. Од тој аспект во ЕК се многу свесни дека и Македонија треба многу да направи, но и дека ЕУ треба да ги испочитува ветувањата од поодамна дадени на Македонија“, вели Дамјан Манчевски за „360 степени“.

Дали се споменуваше брза лента за Македонија?

„Се споменуваа, да, но пак ќе кажам дека тоа најмногу од нас зависи, колку е лентата брза зависи од нас, од Македонија“, вели Манчевски.

Сигнали дека во Брисел се креира атмосфера за рестартирање на евроинтеграцииите – процес што во последните години беше закочен, стигнале и до сегашната влада во заминување, која не се прослави во туркање на европската агенда.

ТОНСКИ АРБЕР АДЕМИ „ЕУ е спремна да носи одлука во насока на проширувањето, да ги надминува внатрешните пречки и да отвори пат за европска, просперитетна и реформска Македонија“, вели вицепремиерот за европски прашања Арбер Адеми.

Екс-евроамбасадорот Ерван Фуере подолг период заговараше и лобираше за посериозен ангажман на Брисел во кризата во Македонија. Сега, откако стартуваше предавањето на власта, Фуере повикува на конкретни европски мерки за помош на земјата.

„Сметам дека ЕУ треба да направи се што може да почне пристапни преговори, да ги отвори клучните поглавја поврзани со владеењето на правото и правдата зашто тоа ќе гарантира многу почист, директен процес за иднината на реформите во Македонија. Ова се конкретни сегменти каде ЕУ може и треба директно да помогне и со политички одлуки и со финансиски поттикнувања“, вели Фуере за „360 степени“.

Во оваа евро-македонска равенка не може да се прескокнат билатералните отворени прашања со соседите, пред се, со Грција и со Бугарија. Владата во Атина, која во настапите на свои врвни претставници сугерира дека е свесна за можен надворешен притисок за Македонија да почне преговори со ЕУ и да влезе во НАТО под привременото име, вели дека нема да отстапи од своите интереси. Шефот на дипломатијата Никос Коѕиас во едно од своите последни интервјуа вели: „Не знам кој кого сака да притисне, сите знаат дека не попуштаме под притисоци и дека не отстапуваме од она што сметаме дека е правилно за интересите на нашиот народ и за европските вредности и принципи“. Сепак, нејасно е дали Коѕиас мисли на притисок за поместување во црвените линии на Грција за самиот спор или за притисок за влез на Македонија во НАТО и почеток на преговори со ЕУ под привременото име.

Хан, пред неколку дена во Брисел, го отворил и прашањето за грчкото противење.

„Освен нашиот дел од работата како итните реформски приоритети на Прибе, е и проблемот што со нашето уставно име го има Грција и ќе треба ЕК да поработи со Грција како земја-членка за да можеме да пристапиме кон овој процес“, вели Манчевски.

– Дали во разговорот со Хан споменавте конкретни механизми како Македонија да почне преговори за членство?

„Како што веќе кажав еден од механизмите кои самите го планираат е тие самите да работат со земјите-членки. Теоретски, можеби само Грција е проблем, но не знаеме може има и други. За жал, Македонија во последниве неколку години создаде многу непријатели, а имаше многу пријатели и сега не сме многу сигурни, ќе треба да се соочиме со една нова ситуација во ЕУ. Но, мислам дека со заедничка работа и од наша страна, од овде од Македонија, и со поддршка на ЕК и најголемите политички групи во ЕП ќе успееме да ги започнеме преговорите“, вели Манчевски.

„Верувам дека Грција треба разбере оти пречките што таа ги постави на патот на Македонија кон европската интеграција веќе не се валидни. Јасно е дека земјата сака европска интеграција, почитување на соседството, на границите, тоа воопшто не се оспорува и сметам дека грчката влада по, се надевам, мирниот трансфер на власта, треба да разбере дека е во грчки интерес да овозможи почеток на пристапните преговори. Тоа би било најдобар начин да се гарантира стабилност на кус, но и на долг рок, на иднината на Македонија“, вели Фуере.

Грчката влада во последните години пливаше во мирни води, со оглед на тоа што прашањето за блокадата на Македонија беше во втор план поради нашите домашни проблеми со демократијата и владеењето на правото.

Грчкиот министер Коѕиас неодамна изјави дека соседната земја, мислејќи на Македонија, е дар од Бога. Тоа е на линија на ставот на грчките стратези дека постоењето на оваа држава на северната граница е највисок стратешки интерес на Грција. Коалициската влада на Сириза и Независни Грција ќе треба да извага дали опстојување на ставот – прво решение за името, потоа влез во НАТО и преговори со ЕУ, е во функција на примарниот грчки интерес за мирно и демократски стабилно соседство. Зашто настаните во земјава во последните неколку месеци покажаа дека ситуацијата лесно може да излезе од контрола и по системот на врзани садови да се прелее во целиот регион.