ЦИВИЛ: Најостра осуда за говорот на омраза и повиците за линч и екстремно политичко насилство, отворено манифестирани на улиците низ Македонија

Сподели

ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува говорот на омраза и повиците за линч и екстремно политичко насилство кои отворено се манифестираат на улиците низ Македонија.

„Транспарентите во кои се имплицираат смртни закани за Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, кои се појавија на протестите во организација на иницијативата „За заедничка Македонија“ на 8 мај, се само уште еден во долгата низа докази за мотивите, пораките и целите на овие протести. Тие пораки се присутни од самиот почеток и се во основата на оваа иницијатива за која е добро познато дека е започната, организирана и спонзорирана од ВМРО – ДПМНЕ.

По многуте пораки и слогани во кои со погрдни називи кон Албанците, се повикува на гасни комори, сатари и слично, во новите слогани гледаме уште еден изблик на крајна омраза и закана по живот. Тоа е ставот на организаторите која се манифестира во континуитет. Таа омраза и насилство се дел и од планираниот крвав атак на Собранието на Република Македонија на Црниот четврток (27 април).

Воедно, јавноста е сведок дека најповиканите надлежни институции, полицијата и Основното јавното обвинителство, очигледно се обидуваат да го релативизираат говорот на омраза, очигледниот план за насилни сценарија и бруталноста која уследи потоа. На тој начин, овие институции стануваат овозможувачи и соучесници на оваа криминална, фашисоидна клика која се обидува да направи сé, па и да ја турне земјата во бездна, само за да одбрани една група луѓе кои се под сериозни истраги и обвиненија на СЈО.

Ставот на ЦИВИЛ е дека ова се очигледни примери на тешки кривични дела и загрозување на поредокот и безбедноста во земјата. Ниту една изјава или парола која би можела да служи како изговор или свртување на вниманието, всушност, не може да помине бидејќи многу повеќе од очигледно е што се случува и кој е зад оваа насилничка и криминална иницијатива.

Основното јавно обвинителство и полицијата одамна требаше да преземат мерки против смртните закани и да ги санкционираат соодветно на законот. Не бараме никаква одмазда, бараме само функционирање на системот, а сите оние кои не го спроведуваат законот, го кршат законот со тоа неспроведување“, стои во соопштението на Цивил.