Дали некој се сеќава на италијанскиот јавен обвинител Паоло Борселино? Овој борец за правда на прашањето од новинарите која е најопасна мафија – (Ндрангета, Коза Ностра, Камора, Сакра Корона, јакузите или тријадите) без двоумење од прва изјавува дека најопопасна мафија е политичката мафија. За жал овој човек не успеал да ја дочека сатисфакцијата и потврдата на својата констатација бидејќи загинува во атентат извршен над него во 1992 година. Европа и светот оваа го видоа во оној момент кога седумкратниот премиер на Италија Џулио Андреоти е осуден на 24 години затвор поради соработка и припадност кон мафијата. Оттогаш па до денес врската помеѓу мафијата и политиката се зајакна и добивме една невидена сила асоцијација од чии канџи не успева ниту една држава да се ослободи. Едноставно граѓаните стануваат заложници на оваа јака спрега на сили. Оваа мафија се повеќе и погласно покажува дека навистина е најопасната и најсилната мафија. Таа е навлезена во сите области на општеството и затоа насекаде во светот и е објавена војна.
Да се потсетиме само на минатата година кога пред суд беа изведени членови на римскиот Сенат поради нивна вплетеност во мрежата на организираниот криминал во Италија. Деновиве вакви и слични потврди дојдоа и од Австрија со разоткривање на илегалниот систем на финансирање на екстремната десница во оваа држава, систем заснован на темели поставени од нивниот прерано загинат лидер, ултрадесничарот Јерг Хајдер. Првите луѓе на Слободарската партија како и од нејзе отцепеното Движење за иднина на Австрија, се осомничени дека уште од далечната 1993 година преку продажба на државниот имот, преку докапитализација и продажба на акциите на Хипо-Алпе-Адрија банката, преку трговијата со оружје и перење на пари стекнале профит повеќе од стотина милиони евра. Во контекст на оваа истрага неодамна јавното обвинителство од Клагенфурт (Целовец) го прошири обвинението и против Волфганг Култерер поранешен директор и претседател на управниот одбор на Хипо групацијата Алпе Адрија. Овој човек е обвинет за криминално здружување со плејада носители на политички и други високи функции во земјата и надвор од неа заради стекнување на профит. Иако имињата на осомничените во оваа мафија сѐ уште официјално не се објавени јавна тајна е дека се работи за австриски и италијански ултрадесничари, нивни финансиски моќни симпатизери и за хрватски хадезеовци.
Австриските новинари велат дека оваа нивна корупциска афера нема пандан во светот. Меѓутоа тие очигледно недоволно ја познаваат нашата држава, каде таа политичката мафија и нивната спрега со олигарсите, со банкарите, со градежниците, со оние кои се занимаваат со шверц на цигари и др., постои и функционира повеќе од дваесет години без око да им трепне. Се работи за систем воспоставен со години наназад и како кој дојде на функција така и се вклучува во него и ништо не презема. Очигледно станува јасно дека вклучувањето во овој систем носи големи бенефити, пред сѐ финансиски.
Ако вакво нешто, каде имате спрега на политиката и банкарството се случува во Хрватска, Австрија, Германија се чини дека (според гласините кои се погласно се вртат во јавноста) и нашите политичари и банкари не се подалеку од нивните колеги на северот. Денес банкарите (тука мислам на неколкутте први луѓе и нивните најблиски соработници во нашите банки), спаѓаат меѓу најбогатите во државата и секогаш имаат пристап до политичарите и истите функционираат како сијамски близнаци. Политичко-банкарската мафија се чини дека во времето на транзиција и криза функционира беспрекорно и никој на нејзе не обрнува внимание.
И нормало се прашувате како е можно и како е дојдено до таа ситуација? Е на ова мошне болно прашање задолжени да дадат одговор се надлежните институции. Зрак на надеж дека нешто ќе се поработи со криминалот на оваа мафија, даде Ване Цветаноски поранешниот директор на Агенцијата за спречување на перење на пари, во неговото интервју за еден неделник, но се чини дека и тој немаше доволно храброст да оди до крај. Изгледа за да се почне оваа борба потребни се два рала гаѓи кои тој очигледно ги немаше во моментот на директорување, па се обиде само да ги подисплаши малку во интервјуто. Меѓутоа заборави дека мечка cо дајре не се плаши. Исто така времето и постапките покажаа дека и Народната банка и нашиот гувернер некако не покажаа интерес да поработат на оваа проблематика и сузбивање на ова зло. Ред е некој од надлежните институции да покаже малку храброст и иницијативност и да поработи на тоа, на кого и какви кредити даваат овие наши банкари, во какви се нè бизниси се влезени, колу пари бараат за завршена работа, на која политичка партија се спонзори, зошто за едни има привилегирани камати, а за други нема и др. Во јавноста се споменуваат огромни суми на пари кои како кредити се даваат на жими мајка на политичари, нивни роднини или на фирми основани од нив. И сето тоа по системот ај заврши работа па ќе средиме документација и ќе го поминеме на управен одбор или пак го употребуваат системот „пиши-бриши хипотека“ во што се вплетени и одредени нотари. А останатите смртници нека даваат хипотека, нека плаќаат затезни и енормно високи камати.
Ноторен е фактот дека одредени политичари во спрега со некои од банкарите несметано веќе две децении се занимаваат со финансики криминал. Ова не може да биде случајност, туку се работи за сериозен криминален систем кој функционира долги години пред очите на сите. Најновата книга на хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ наречена „Банкарска мафија“ мошне децидно ја опишува оваа спрега на политичката хрватска елита со организираниот банкарски криминал. Мислам дека ништо подобро не е и кај нас. Нормално се поставува прашањето до кога и зошто никој ништо не презема? Ќе се појави ли некој македонски Домагој да проговори и прeземе нешто повеќе на оваа тема? Јавноста со нетрпение чека.
Јове Кекеновски
Колумната е објавена на 25. септември, 2010 година во весникот „Време“.