Трамп-Ердоган: Поддршка за Турција во борбата против терористите

Сподели

Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера во Белата куќа со највисоки државни почести го прими претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, јави Anadolu Agency (AA).

Трамп го пречека Ердоган на влезот во Белата куќа, каде што се поздравија и се фотографираа за медиумите, а потоа го продолжија состанокот во Овалната соба.

Ердоган на конференцијата за медиумите по состанокот истакна дека заедничкиот настап против сите терористички организации во регионот, првенствено против ДЕАШ е многу важен.

„Заедничкиот настап против сите терористички организации во регионот, првенствено против ДЕАШ, има големо значење. Решителни сме да се бориме против терористичките организации, без правење разлика меѓу нив, кои се закана за нашата заедничка иднина”, рече Ердоган.

Тој нагласи дека не е прикладно терористичката организација ЈПГ/ПЈД, огранокот на ПКК во Сирија, да се прифаќа како соговорник.

„Нема место за терористичките организации во иднината на нашиот регион. Посебно не е во ред поради договорот на глобално ниво терористичката организација ЈПГ/ПЈД да се прифаќа за соговорник од страна на било која земја”, рече Ердоган.

Трамп по состанокот истакна дека САД сакаат да ги продлабочат економските и трговските односи со Турција.

„Сакаме да ги продлабочиме економските и трговските односи со Турција“, рече Трамп, додавајќи дека тоа е во интерес на двете земји. Тој додаде дека народот на Турција последните години беше изложен на страотни терористички напади.

„Турскиот народ во последните години и во последно време беше изложен на страшни терористички напади. Го изразуваме нашето сочуство за жртвите на овие напади како и поддршката на турскиот народ. Изразуваме поддршка на Турција во борбата против терористичките организации како што се ПКК и ДЕАШ, како и гаранција дека на терористичките организации нема да им оставиме простор за делување”, рече Трамп.

Тој нагласи дека САД го ценат лидерството на Турција со цел во Сирија да се спречат масакрите и насилството.

„Го цениме лидерството на Турција во контекст на напорите кои ги чини со цел сопирање на ужасните масакри во Сирија“, рече Трамп.

Турскиот претседател Ердоган по состанокот со Трамп ќе присуствува и на состанокот на проширените делегации на двете земји.