Особено ако тој разумен човек има очи, да ги види снимките од настаните во Собранието и уши да ги слушне искажаните зборови при тие настани. Во тие снимки јасно се гледа намерата на насилниците да убијат, и нивните движења не изгледаат баш како да им се извинуваат на нападнатите. И лицата и говорот на телото на напаѓачите изнесени пред суд не покажуваат никакво каење ниту пак извинување за стореното. Освен тоа, можно ли е извршителите на терористички чин врз највисокиот законодавен дом на државата да се казнува со условна осуда? Сте виделе ли вие терористи да се спасат само со: “Еј извинете, дечки не сакајќи сакав да ве убијам”?! Епа видовме дека и тоа е можно во македонското кривосудство. Затоа 23 мај нека биде означен за ден на длабоко размислување за суштинската причина зошто судството воопшто постои во една држава.
И сега замислете, тие судии треба да им судат и на најмалку шесте пратеници кои ги отвориле вратите на Собранието за да им овозможат влез на насилниците и потоа ги упатиле истите точно таму каде требало да го извршат нападот. Во објавените снимки јасно се гледа кој отвора врати, кој упатува, кој гушка и кој поздравува насилници со качулки кои извршија терористички обиди за убиство. Токму тие судии треба да им пресудат на овие лица, и да ја земаат предвид нивната одбрана. Во тие случаи ни за каење нема да се зборува, оти јасна е работата: додека еден од организаторите на насилните протести делеше вода, другиот пушташе вода по кафулињата во близина. Во целата таа збрка пратеничката а истовремено и министерка за култура делеше бесплатни гушкања на лицата со качулки, не за друго, туку за да им го смири гневот, да не направат некоја беља. А пратениците кои се гледаат како отвораат врати и упатуваат насилници во Прес-центарот, тоа всушност ние сами го измислуваме, не го гледаме, тоа нашиот искривен ум го замислува, бидејќи тоа едноставно не е вистината, вистината е сосема нешто друго, и во таа вистина нема ни снимки, ни пратеници ни лица со качулки туку само убави работи, како што е бескрајната “љубов” за татковината. Што е тука нејасно? Така, очекувам судииве на македонското кривосудство не само да ги прогласат за невини пратениците/соучесници во терористичкиот напад врз Собранието, туку Иванов да ги одликува за големи заслуги во љубовта спрема татковината, на начин на кој што веќе го одликуваше еден од организаторите и институцијата која тој ја претставува.
…
За носење на одговорност се знае кој го тоа носи: протестантите од Монструм кои за скршени стакла од судот добија затворски казни од по 2,5 години. Протестантите од Шарената револуција уште се влечат по судови а со месеци скапаа по притвори. Одговорност носат тие од Сопот кои врз основа на исказ на заштитен сведок кој според СЈО бил земен со тортура гниеле по затвори за кривични дела кои не ги извршиле. Не ви е јасно? Па тие одговараат и за делата на овие што ги гледаме по снимките како вршат кривични дела а се спасуваат сакајќи ја Македонија. Има кој да ги издржува нивните казни, тука се дежурните кривци, клетите предавници, во полн дофат на македонското кривосудство.
Ќе дојде ден одговорност ќе носат и денешниве судии за сите нивни злоупотреби и за целата помош дадена на една криминогена и мафијашка власт. Ќе дојде ден и тие пратениците кои отвораат врати и гушкаат насилници да одговараат за соучесништво во извршувањето на кривичните дела заради нивниот клучен, битен и суштински придонес во извршувањето на тие дела. Ќе дојде ден и ќе имаме вистинска правна држава.
Во таа вистинска правна држава 23. мај но и други денови ќе се паметат како денови на македонското кривосудство. Ќе се паметат и ќе бидат ден на жалост за една власт која наместо да биде контролор на другите власти одлучи да биде последниот бастион на еден криминоген режим кој веќе неодамна замина во историја.
Нека им го каже некој ова на судиите кои и понатаму штитат режим кој веќе паднал и нема да се врати.
Колумната на Нова ТВ, во целост прочитајте ја тука