КО НИВНАТА ЉУБОВ – АНА БУНТЕСКА

Сподели

 

А на младост да ме прашаше некој
Каква љубов ќе сакав да живеам
Ќе треснев без мислење
Ама без ич умот да ми проработи
Оти сакам пеперутки во стомакот
Сакам срцето да ми прерипува
Да не можам еден залак да каснам
Без да ми се заглави касајот в грло
Од помислата за него шо в гради ќе ми стои
А и вода ко ќе пијам
Да се засркнам од срцево по него шо ќе тропа
На младост да ме прашаше некој
Шо е љубов и каква сакам да ја живеам
Ко прле пред магаре ќе се излетав оти мора да боли
Ѓоамити ако не боли-не е љубов
Демек болката мерило и дразба за убост е
Та ќе везев зборој оти нема сон ко љубиш
Та месечариш ко улав по цели ноќи
И колку ти се кругојте под очи поголеми и поцрни
Толку појќе го сакаш и не можиш без него
Да ме прашаа на младост љубов шо е
Со сиот ум ќе речев оти ко вљубен си
Мир во срцето немаш
Оти сето време на светов го арчиш во мислите за саканиот
Ех, пусти години
Млада ко бев
Толку млада шо баба ми и дедо ми уште живи беа
Та како сега да е, пред очи ми се
Љубовта нивна досадна ми беше
Таа го вардеше ко мало дете
Де намести му ја вратоврската
Де челите светни му ги
Та ќе го чистеше во костумот од невидливи прашинки
И косата ќе му ја подместуваше
Ко за на бендис да ќе оди
Смирено и без нервоза
Без возбуда
Туку со спокој кој мене здодевен ми беше
А тој пак
Тој па од дворот трендафил ќе набереше
И горе пред врата ќе и’ го остаеше
И двесте пати ручекот ќе го пофалеше
Ко компир манџа првпат во живот да имаше пробано
И ко ќе одеше баба ми кај Сајмето за фризура
Знаеше кога пред порти да се курдиса
Со цигарата в рака и да ја чека
Глумејќи оти ете баш тогаш му се присакало да слези до долу
Млада ко бев
Толку млада шо љубов да ми сервираа пред нос, не ќе ја познаев
Мајтап си играв со нив
Со оние за чија љубов денес велам
Оти имаше корења до центарот на земјата
И не разбирав ко дедо ми на баба ми ќе и’ речеше
“Абе Марика
Ниту ти си за да заминиш без мене
Ниту пак јас за да останам без тебе”
И така беше
Таа не замина
Ниту тој без неа остана
Туку нему ракот градите му ги изеде
А таа остана однадвор уба, а внатре тагата да ја јади
До дента ко пишано и’ беше
И тогаш младоста ми умре
Ми умре идејата за љубовта шо ја имав
И ниту појќе болка во неа барав
Ниту пак сакав пеперутки кои в стомак вијат
Од тогаш во љубовта спокојот го барам
И чоек кој без мене нема да замини
Ниту пак јас без него ќе останам
Чоек без кој јас нема каде да имам да одам
А ниту нему без мене ќе му се останва
Ко нив
Kо нивната реч
Ко нивната љубов