Основниот суд Скопје 1 соопшти дека е прифатен обвинителниот акт од Специјалното јавно обвинителство за предметот „Транспортер“ и оти ќе биде закажан термин за почеток на судењето што ќе го води судијката Лидија Петровска.
– Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, кој постапуваше по обвинителниот акт поднесен од страна на Основното јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) против 21 лице за предметот во јавноста познат како „Транспортер“, по добивање и разгледување на приговорите на странките во постапката во однос на обвинението, како и ценејќи ги фактите врз кои е заснован актот, донесе одлука со која го одобри обвинителниот акт, се наведува во соопштението од Судот.
Обвинителниот акт, согласно АКМИС – електронскиот систем, е распореден на судијата Лидија Петровска за понатамошно постапување во судечки совет, по што ќе биде закажан термин за одржување на главна расправа за што странките ќе бидат известени, а јавноста ќе биде информирана, истакнуваат од Основниот суд Скопје 1.
Во случајот „Транспортер“ се осомничени битолскиот градоначалник Владимир Талески и уште 20 лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.