Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, изјави дека ќе биде запрена постапката за испраќање на Александар Николоски на амбасадорска позиција во седиштето на Европската Унија во Брисел.
– Постапката ќе се запре. Во основа постапката е запрена, ова е повеќе политички фолклор или политичко-партиски фолклор. Кого ќе претставува ако во моментов е секретар за меѓународна соработка на политичка партија? Ќе ја претставува политичката партија или Република Македонија, особено во голем центар што е еден од првите стратешки интереси ЕУ – изјави Димитров.
Шефот на македонската дипломатија смета дека мора да запре практиката за амбасадори да се испраќаат политичари.
– Мислам дека во Македонија ќе мора да престанеме да се испраќаме амбасадор политичар. Ние имаме неколкупати направано вакви грешки и мислам дека треба да се договориме како општество и политички систем ова да не го правиме – додаде Димитров.