Хан и Прибе во Скопје на средби за итните реформски приоритети

Сподели

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан денеска доаѓа во посета на Скопје, каде ќе присуствува на седница на Владата, посветена на реформските приоритети, а потоа, како што соопштија од владината прес-служба, ќе има заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Хан пред почетокот на седницата ќе има тет-а-тет средба со Заев, а потоа и со владина делегација составена од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

За време на посетата на Хан, предвидени се и средби со лидерите на политичките партии.

Во соопштение пред посетата на Македонија, од петокот минатата недела, Хан истакна дека новата Влада и опозицијата треба да се фокусираат на имплементацијата на реформските приоритети и на Договорот од Пржино за да ја вратат Македонија на патот кон Европската Унија.

meta.mk