Прибе на работен појадок со Димитров и со Османи во МНР

Сподели

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска во просториите на Министерството за надворешни работи ќе одржат работен појадок со германскиот експерт Рајнхард Прибе, соопшти МНР.
Прибе, како што претходно најави еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, доаѓа во Македонија за да ѝ помогне на Владата во спроведувањето на реформските приоритети.
Вчера Хан беше во посета на земјава и имаше средби со премиерот Зоран Заев, министри во Владата и со лидерите на парламентарните политички партии. Тој порача дека за спроведувањето на реформите за напредок на земјата кон Европската Унија е потребен национален консензус и дека политичкиот дијалог и дебатата по овие прашања треба да се водат во Собранието.
Премиерот Заев по средбата со Прибе соопшти дека Владата работи на акциски план наречен „Патоказ“, што треба да се финализира до 1 јули, а во кој се опфатени сите предвидени реформи во клучните области, како владеењето на правото, професионални државни институции, независни регулаторни тела и слободни медиуми.

meta.mk