Судијката Дијана Груевска-Илиевска, иако кажа дека се исполнети условите да почне главната расправа за случајот „Поткуп“, сепак го одложи рочиштето за 27 септември поради барањето на одбраната на обвинетиот Зоран Заев за изземање на снимките од посебните истражни мерки бидејќи веќе се објавени на „Јутјуб“.
Заев, кој денеска првпат се појави во суд како премиер на државата, рече дека тој и неговата одбрана биле на мислење дали да ја објават целосната снимка за да се дознае целата содржина или да бараат нејзино изземање како доказ, по што се одлучиле да ја искористат втората можност што им ја дозволува законот.
Осврнувајќи се на прашањето што во судницата го наметна обвинителот Владимир Милошевски, дали станува збор за истата снимка што е објавена на „Јутјуб“, Заев рече дека не треба да се биде експерт за да се види дека снимката е иста, само што таа што е објавена на „Јутјуб“ е исечена на две места за да послужи за потребите на политичкото судење кое, како што алудираше Заев, беше организирано од претходната власт.
– Тие биле свесни дека со објавувањето на снимката го губат правото за нејзино користење пред суд, но за потребите на политичкото судење, решиле да ја објават – рече Заев.
Прашан дали очекува Обвинителството да открие кој ја поставил снимката на „Јутуб“, премиерот рече дека ОЈО веќе две години ја води истрагата, а се знае дека за чување и за процесирање на снимките од ПИ-мерките одлучува и одговорен е јавниот обвинител.