DW: Меркел – Г20 е понеопходна од кога било

Сподели

Пред самитот на Г20 германската канцеларка се заложи за единство на водечките индустриски и земји во подем со оглед на глобалните предизвици. Меркел во Хамбург очекува „тешки дискусии“, пишува Дојче веле.

Климатски промени, тероризам, протекционизам, бегалци и миграција. Предизвиците пред самитот на групата на дваесет најразвиени индустриски и држави во економски подем -Г20 во Хамбург се огромни. „Светот е во немир“, констатираше денеска германската канцеларка Ангела Меркел.  Таа  се надева на „јасен сигнал“ од самитот Г20 во наредната недела во знак на поддршка на слободните пазари и против изолационизам. Канцеларката порача и дека Европската Унија  е посветена на успехот на Парискиот договор за климата. Меркел во владината изјава по повод Самитот на Г20 во германскиот Бундестаг порача дека „протекционизмот не може да биде решение“. „Оние кои сметаат оти светските проблеми можат да се решат со изолација или протекционизам се во голема заблуда“, изјави Меркел.

Таа изрази надеж оти лидерите на Г20 на самитот во Хамбург на 7 и 8 јули ќе изразат посветеност на мултилатералниот пазарен систем. На глобалната заедница и е неопходна соработката меѓу водечките дваесет индустриски и земји во економски подем повеќе од кога било порано, истакна Меркел, зашто, како што рече : „Ниту една земја во светот не може сама да ги совлада предизвиците на нашето време“.

Канцеларката истакна оти дискусиите поврзани за климата во Хамбург нема да бидат лесни, како и дека тие разговори мораат да бидат „во служба на суштината и целите на Парискиот договор“. По одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, да се повлече од Парискиот договор за климата, Меркел истакна оти ЕУ е уште порешителна договорот да го направи успешен. „Парискиот договор е неповратен и за него не може да се преговара“, рече германската канцеларка.

За разлика од предходните самити каде глобалните разлики беа меѓу северот и југот, како и меѓу истокот и западот, овој пат поради американскиот претседател Доналд Трамп, кој го пропагира слоганот „Америка на прво место“, и ја отфрла идејата за климатските промени, западните сојузници ќе имаат мака да пронајдат заеднички фронт на самитот, истакнуваат набљудувачите.  Се наведува дека на самитот во Хамбург во нестабилна мешавина ќе се најдат рускиот претседател Владимир Путин, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и саудискиот крал Салман, меѓу темите кои би можеле да бидат потенцијални „мини“ ќе се најдат војната во Сирија, украинскиот конфликт и дипломатската изолација на Катар.

DW