Груевски се закани: Нашата попустливост завршува денеска!

Сподели

Конструктивноста во нашето делување завршува денес, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната прес-конференција по повод обвиненијата што ги поднесе Специјалното јавно обвинителство.

„Ова нема така да помине. Ако мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го преспие ова длабоко се излажале. Сакам да објавам дека конструктивноста кои некои ја нарекуваа попустливост во нашето делување завршува денес. Сега е време историја да оценува и да суди, а ние се плашиме само од судот на историјата“ рече Груевски.
Тој го обвини СЈО дека станало инструмент за политички прогон и како што рече канцеларија на СДСМ. Според него ВМРО-ДПМНЕ е нападната и се работело за, како што рече, класично политичко гонење на политичките противници со цел партијата да се уништи или да се замолкне.

Станува збор за политички, а не за правен процес, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пред полната сала во партиското седиште во која пристина и замина со ракоплескање од присутните пратеници и други поранешни функционери.

„Целта е кршење на ВМРО, политичка елиминација и ставање под контрола за поголеми цели кои се потребни на оној кој го креираше целиот овој процес. Таргетот е ВМРО, сите процеси се против ВМРО, кршење на ВМРО за слабеење на Македонија“ рече Груевски.

Одлуките на СЈО, рече тој, биле без никакви правни докази, а нивниот грев, како што нагласи бил, што цели 11 години биле на браникот на одбраната на државните и националните интереси и тоа што одолеале на притисоци и закани поврзани со името или спроведување на платформи на туѓи држави.