Нови началници од понeделник ќе добијат и единиците за специјални задачи (ЕСЗ) и за брзо распоредување (ЕБР), а ќе следат смени и во СВР Скопје, Куманово, Велес, Битола, Штип, Струмица.., велат од МВР за Дојче веле.
МВР започна со кадровски промени на раководни позиции во ресорот. Од таму информираат дека вчера биле донесени неколку одлуки за разрешување на претходните, и за именување на нови раководители. Сашо Трајковски е новиот началник на Петтата Управа во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). На раководната позиција доаѓал од истата професионална средина, каде работел како инженер. Ќе седне на жешко столче во безбедносниот ресор, кој во претстојниот период треба да ги спроведе најобемните реформи и во однос на надлежностите, и во однос на надзорот и контролата врз неговата работа. „Бомбите“ што пред две години ги објави тогашната опозиција индицираа дека незаконското следење на комуникациите било реализирано од лица во Петтата управа. Специјалното јавно обвинителство отвори истраги за незаконското следење на комуникациите на граѓани, политичари, новинари, судии, бизнисмени („Таргет“), како и за уништување на опремата злоупотребена за такви цели, со што според истрагата, буџетот бил оштетен за 10 милиони евра (“Тврдина“). СЈО вчера соопшти дека истрагите за овие два случаи ги споило во еден предмет, кој заврши пред Кривичниот суд со обвинителен акт. Во предметот „Тврдина“ беа осомничени поранешниот долгогодишен началник на Петтата управа во УБК, Горан Грујовски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и уште три лица, а во „Таргет“ повторно Горан Грујовски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и уште осум лица. Со обвинението за „Таргет и Тврдина“, СЈО побарало судот да определи мерка притвор за Мијалков.
Смена во „внатрешна контрола“
Разрешена од раководната функција е и Анета Станчевска, помошник-министерка за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР. Нејзиниот глас се слушна во една од „бомбите“ поврзани со изборни измами и улогата на полицијата.
„Гледајте нашите да бидат чисти“ – бара Јанкулоска од Станчевска, кога Секторот за внатрешна контрола ќе треба да постапува за случај во Охрид, поврзан со изборни инциденти.
„Да, да, нормално (…) Никако нема грешки. Се знае, нашите мора да бидат чисти“, одговара Станчевска.
Станчевска заминала на боледување на 3-ти мај, непосредно по настаните од 27-ми април, токму кога Секторот со кој таа раководеше требаше да ја испитува улогата и инволвираноста на припадниците на полициските сили во „црниот четврток“, односно кои од нив ја злоупотребиле службената положба и постапиле спротивно на законот. На таа раководна позиција сега е назначен Дејан Андонов, кој долги години работел во Секторот за внатрешна конрола, но потоа бил „прекомандуван“ во гранична полиција.
Од началник на крим-полицијата е сменет Марјан Наковски, а на таа позиција е назначен Марјан Коцев, советник во кабинетот на министерот Спасовски. Од МВР велат дека од понеделник ќе следат смени и во Секторите за внатрешни работи (СВР) во Скопје, Куманово, Велес и Битола, како и на началниците на ЕБР-Единицата за брзо распоредување и на ЕСЗ – Единицата за специјални задачи („Тигри“). Во друга фаза ќе следат смени во СВР во Штип и во Струмица, како и назначување на помошници-директори во МВР.
Текстот во целост прочитајте го тука
DW.COM