Неочекуван пресврт во законодавниот дом. Завршната сметка на буџетот за 2016 година, која речиси два дена ја потпалуваше атмосферата во Собранието, беше едногласно усвоена, откако пратениците на ВМРО- ДПМНЕ се откажаа од репликите и контра- репликите. Како што неофицијално дознаваме, ваквата одлука ја донеле откако спикерот Џафери се согласил од дневен ред да ја избрише точката за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието, пренесе 24 Вести.
Освен тоа, пратениците денеска го разрешија генералниот секретар на Собранието, Жарко Денковски и на негово место ја избраа Цветанка Ивановска од СДСМ. Опозицијата реагираше зошто претходно мнозинството пратеници го одби нивниот предлог за поставување на повисоки критериуми при изборот на генерален секретар.
„Што конкретно предлагавме, а во интерес на департизација и професионалзиација на Собранието, а и на сите институции за коишто во овие педесет дена се уверивме дека ништо од тоа“, вели Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ.
Барањето на Џафери за пет потпретседатели, претходно наиде на остри реакции од пратениците на опозицијата, кои изминативе два дена се служеа со старата тактика на меѓусебни реплицирања со цел да се избегне гласањето за оваа точка.
„Кога ќе си кажеш дека си актер ти престануваш да бидеш актер, треба другите да кажат. Така сега е со случајот на почитуваниот професор кој сега во моментот е министер, мислејќи дека е голем финансиски стручњак, дојде да биде министер и притоа заборави да каже дека две три години се појавуваше на телевизија“, изјави Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Таа претходна влада и остави на Република Македонија наследство во коешто Македонија во 2006 година чаши не произведуваше“, рече Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од мнозинството цел ден се воздржаа од дискусија, а репликите и контрарепликите помеѓу нивните колеги од опозицијата ги оценија како очигледен обид повторно да се блокира работата на законодавниот дом.