Ѓорѓиевски: Ако сакало, раководството на ВМРО-ДПМНЕ можело безброј пати да избега

Сподели

Одлуките на Апелацискиот суд, со кои не се вратија патните исправи на лицата кои гонети од СЈО се конформистички и не кореспондираат со реалноста. Тие, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, се донесени повеќе како компромис, за да не изгледа дека судот ги отфрлил само апсурдните барања на СЈО за притвори и поригорозни мерки, ги отфрла и жалбите на одбраната за враќање на патните исправи односно укинување на мерките за обезбедување.

Од партијата сметаат дека реална опасност за бегство нема и оти Судот не треба да потклекнува под политичкиот притисок на СДСМ или пак под, како што велат, канонадата разни неосновани барања на СЈО, туку одлуките треба да ги донесува исклучиво врз база на Устав и закон и никако поинаку.

– Последните образложенија на СЈО во барањата за одземање на патните исправи се апсурдни. Дури и правник од втора година правен факултет ќе сфати дека се работи за тенденциозност во делувањето, а не за реална потреба на истрагата. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се политичари со изграден лик и почит помеѓу граѓаните, но и широки мегународни кругови, каде уживаат голем углед граден со години. Истите поради природата на својата работа имаат чести патувања и ако сакале досега да се впуштат во бегство, тоа можеле да го сторат безброј пати. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема сторено ниту едно кривично дело и затоа нема потреба од бегство, изјави денеска Орце Ѓорѓиевски.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ верува во органите на правосудниот систем и принципите на владеење на правото и секогаш ќе биде достапно пред истите.