Министерството за надворешни работи соопшти дека побарало од судот да се распише меѓународна потерница за Горан Грујовски и за Никола Бошковски откако попладнето Врховен суд ги потврди притворите од 30 дена за двајцата, но полицијата не успеа да ги пронајде.
МВР денеска преку соопштение информираше дека по наредба од Апелацискиот суд, била распишана национална потерница и биле извршени проверки на објекти на адреси кои биле пријавени како места на живеење на осомничените.
„Проверки беа извршени и на повеќе локации на територијата на Република Македонија, поточно во Скопје, Велес и во Охрид, за кои имаше оперативни сознанија дека осомничените ги користат за криење. Со оглед на тоа дека не беа пронајдени, а во согласност со законските надлежности, МВР побара од судот согласност за распишување на меѓународна потерница и по наредба на судот веќе е распишана меѓународна потерница за Г.Г. и за Н.Б.“, велат од МВР.
Горан Грујовски е поранешен началник на петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање и е обвинет во предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“. Никола Бошковски беше вработен во УБК и тој е обвинет во истите предмети.