-
Партијата Левица предмалку извести дека четири нејзини членови биле приведени при манифестирање на мирен протест попладнево против насилство и милитаризација, откако претходно во центарот беше најавна презентација на воена опрема на САД и на АРМ. Демонстрантите кај ГТЦ сакале да истакнат транспарент „Против војната за профити!”.
-
Невладината Civil MK објави видео на кое се гледа како полициски службеник издава наредба на групата да се разотиде, по што применува сила врз еден од учесниците во акцијата.
-
Истовремено, МВР објави дека лицата биле само евидентирани, а функционери и членови на Левица веќе гласно трагаат по политичка одговорност на социјалните мрежи.
-
Неколку работи треба да се разјаснат околу овој случај:
-
1. Истакнувањето на транспарент на јавна површина не е и не смее да се третира како противправно дејство против кое полицијата треба да реагира. Освен, доколку самиот транспарент не содржи отворен говор на омраза или повик за насилство. Тоа значи, дека наредбата за разидување е целосно неоснована;
-
2. Во НИКОЈ случај полицијата не смее да примени сила врз демонстрантот кој ненасилно го практикува своето право на протест;
-
3. За да некој биде приведен, треба пред се’ да биде однесен во полициска станица, т.е. да биде „уапсен’. Колку што мене ми е познато, ниту еден член на Левица не бил спроведен до полициска станица, ниту му била ограничена слободата на движење. Биле легитимирани на местото на настанот и пуштени да си одат;
-
4. Политичката одговорност треба да стапи на сцена откако институционалната ќе затаи;
-
5. Во моментов, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВКПС) спроведува истрага.
-
Кај претходната власт, најголемиот проблем беше што граѓаните беа незаштитени пред нејзината моќ. СВКПС, Обвинителството, Судовите… Сите беа само инструменти за прикривање на нивните дела.
-
Очекувам одговорност за полицискиот службеник кој неосновано примени сила, како и кај тој кој ја издаде наредбата за разбивање на групата. Доколку тоа не биде исходот на истрагата на СВКПС, тогаш можеме да бараме политичка одговорност.
-
Секое друго извртување на фактите и насочување на вниманието на јавноста во погрешен правец пред да бидат готови резултатите од интерната истрага, укажува на елементарно непознавање на полициските прописи и/или свесно популистичко дејствување од страна на вонпарламентарна партија која се бори за парче публицитет. Најискрено, не знам што е полошо.
ФБ статус, Павле Богоевски