Има луѓе грди
Многу, многу грди
На кои здивот на застоено им мириса
На запретани лаги
На пцојсана уба мисла која скапала …
А во очите сјај немаат
Ниту пак погледот бистар им е
Им бега лево десно колку в очи да не те пулат
Има луѓе грди
Со душа црна
Ко бунар полн отров
Та варди се во него удолу да не појдиш
Оти никој не излегол оттаму неотруен
Грди, грди луѓе
Кои ниту чест имаат
Ниту гордост во погледот
Кои ни за мрсул на нив да фрлиш не се
Ниту за сакање
Ниту за омраза
Да не знајш шо да им прајш
Нит да ги гушниш од жал
Оти за жалење не се
А нит да ги отепаш
Оти ни за толку не вредат
Тие, таквите
Во широк круг да ги одминиш треба
Ниту миг да се задржуваш покрај нив
Да не те оболат со својот лошотилак
Да не те префати нивната болест
Оти злото во чоека ко болест е
Ем корења пушта
Ем после ко дрво разгрането се шири
И појќе спас не се наоѓа
Оти душата ко гние
И телото се оболува
Од грди луѓе да се вардиш пиле
Да се научиш да ги сеќаваш
Пред доцна да биди
Пред срцето да ми ти страда
И да почниш да се сушиш
Мораш да се научиш да ги распознаваш
И од сенката дури да им се плашиш
Да пазиш да не им ја згазиш
И колку што нозе те држат
Ете толку далеку да заминиш
Видвиделија да фатиш
И да не се вртиш
Никогаш појќе по нив да не се вртиш
За срцето на душа да не си го носиш
За на срцето после парастос да не му ваѓаш
Пиле мое…кротко пиле мое