Давчевски: Со субвенциите за ЈСП, Град Скопје по секоја цена сака да ја продолжи градбата на Панорамското тркало

Сподели

Советничката група на СДСМ и коалицијата во Совет на Град Скопје остро се спротивставува на обидот на градската власт да го продолжи финансирањето на Панорамското тркало кое го гради ЈСП. Во услови кога буџетот на Град Скопје за период од првите 6 месеци има остварување под 30 %, со ребалансот се зголемуваат средствата за оваа непродуктивна градба.

Тоа се прави преку моделот за субвенции кои се даваат како парични средства на Јавното сообраќајно претпријатие за така наречени потешкотии во работењето, а всушност се работи за покривање на трошоците од градбата на Панорамското тркало. На овој начин ЈСП ќе добие субвенции од 3,5 милиони евра, не за санкционирање на потешкотиите во јавниот превоз, туку за Панорамското тркало за кое имавме разумен предлог за негово стопирање и конзервирање.

Градската власт во заминување предводена од ВМРО-ДПМНЕ, упорно настојува по секоја цена да го доврши овој доста критикуван и контроверзен проект. Откако по промената на централната власт беа прекинати донациите од државните институции за тркалото, се премина на форма со субвенции од градот Скопје. Ова е уште еден доказ од многуте во изминатиов период кои сведочат за расипничко трошење на народни пари за градби кои не се приоритет за граѓаните на Скопје.

Затоа, на 15 октомври граѓаните и ќе го казнат ваквото расипништво на власта во Град Скопје предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Новата градска власт ќе покаже рационалност и ќе води сметка за парите на граѓаните кои ќе се користат домаќински и ефикасно за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани во Скопје.